Бројот на градови во Србија во кои барем еднаш се одржани некакви протестни акции поради падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, досега се искачи на најмалку 103, информира тамошниот Архив на јавни собири.
„Протестно-комеморативната акција ‘Застани, Србијо’ за првпат беше организирана низ цела Србија во петок, 22 ноември, на покана на ‘ПроГлас’ и опозициските партии. Акцијата вклучуваше 15 минути молк на јавно место за жртвите од падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, со почеток во 11:52 часот, моментот кога падна настрешницата“, потсетуваат од Архивот.
Во многу градови акцијата вклучуваше блокирање на сообраќајот. Во повеќето градови акцијата се одржуваше само на една локација, но во поголемите градови, на повеќе од една, а понекогаш и на двоцифрен број локации, велат од Архивот. Во тој прв петок, истакнуваат, бројот на учесници во секоја точка варира од околу 1.100 (на Студентскиот плоштад во Белград) до само едно лице (во Прокупље).
„После тоа, оваа децентрализирана акција се повторува секој петок, додека се менуваат концептот и организаторите, бројот на градови и точки, структурата и бројот на учесници расте. Младите – студентите, па дури и средношколците, преземаат сè поважна улога, додека друга форма на дејствување е блокадата на високообразовните институции и училиштата“, посочуваат оттаму.
Со напомена дека не се достапни снимки од сите локации на кои се одржува акцијата и дека е невозможно да се одреди точниот број на тие локации, Архивот го објави списокот на градови за кои успеале да најдат материјал на медиумските портали и социјалните мрежи што потврдува дека акцијата е одржана.
„Во првиот петок – 22 ноември, најдовме материјал од 50 градови. Следниот петок, 29 ноември, најдовме материјал од 38 градови, додека за 6 декември најдовме материјал од 34 градови. За сите тие три петоци добивме материјал кој го потврдува одржувањето на оваа акција во вкупно 58 различни градови и населени места: некаде се одржувала само еднаш, некаде двапати, а некаде во сите три петоци“, велат од Архивот.
Како што додаваат, по 6 декември, блокадите стануваат секојдневни и многу е тешко да се следат сите точки каде се организираат, а ним им се приклучуваат и бројни средни, па и основни училишта, каде учениците организираат блокади на училиштата, а наставниците ја прекинуваат работата.
Листата на градови можете да ја видите на следниот линк.