Почина доајенот на македонското сликарство Коле Манев

Во средата, 22 јануари, по кусо боледување во Скопје почина доајенот на македонското сликарство Коле Манев. Посмртните останки ќе бидат изложени во капелата на гробиштата во Бутел во петок, 24 јануари, од 14 и 30 часот до 15 и 30, а погребот ќе биде во 15 и 30 часот, информираат од Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ).

„Коле Манев беше роден во 1941 година во село Бапчор, во Егејскиот дел на Македонија, кое е бомбардирано за време на Граѓанската војна во Грција во 1948 година и сите куќи се уништени, а останата е единствено црквата. Децата од селото, како и многу други деца од Егејска Македонија, се принудени да го напуштат своето родно место. Коле Манев, заедно со постариот брат Стасе и постарата сестра Елисавета, завршува во Романија, во прифатните домови во Арад, Синаја, Орадеа и Тулгеш, во романските Карпати. Токму името на овој последен дом – Тулгеш ќе послужи како инспирација за неговото најзначајно, врвно дело во филмската кариера – документарниот филм ‘Тулгеш’“, раскажуваат од ДЛУМ.

Како што истакнуваат оттаму, тој во Скопје го завршува Средното уметничко училиште, а потоа е примен на Ликовната академија во Белград, но по завршувањето на првиот степен се враќа во Скопје, а во 1965 година, веднаш по основањето на Телевизија Скопје, почнува да соработува со неа.

„Во таа прва етапа на телевизиското творештво кај нас, Коле Манев е ангажиран како режисер на анимирани и документарни емисии, а како млад ликовен уметник, тој рачно ги исцртува и сите шпици за сите документарни емисии што се снимаат во Радио-телевизија Скопје. Потоа заминува во Париз, таму работи како слободен уметник и ја оформува својата сликарска кариера. Коле Манев беше врвен портретист, за што сведочат многубројните портрети кои висат во приватните колекции на колекционерите ширум земјава и во странство, но и портретите на преродбениците што се наоѓаат во нашата највисока научна институција Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), исто така и портретите на најзначајните македонски писатели што се изложени во седиштето на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ)“, пишуваат од Друштвото.

Тој беше автор на над дваесетина самостојни изложби, учествувал на мноштво групни изложби, член на ДЛУМ од 1974 година, во еден период и претседател на Друштвото, награден со многу награди за своето сликарство.

„Со неговото заминување од животната сцена, македонската култура останува посиромашна за еден голем човек и извонреден уметник“, истакнуваат оттаму.