Премиерот на Србија Милош Вучевиќ поднесе оставка, јавува Радио Слободна Европа.
Како што објасни Вучевиќ, одлуката ја донел по нападот врз студентите во Нови Сад. Вучевиќ најави дека во текот на денот оставка ќе поднесе и градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ.
„Градоначалникот на Нови Сад и јас се сметаме себеси за објективно одговорни за она што се случи во Нови Сад и за тоа доброволно ја плаќаме политичката цена“, рече Вучевиќ.
Тој ќе ја извршува функцијата премиер до изборот на нов.
„Во овој момент целата Влада е во технички мандат. Со оставка на премиерот паѓа целиот кабинет, практично целата Влада е во оставка. Ние ќе си ја работиме работата одговорно до изборот на некоја нова Влада или поинаква политичка одлука“, рече Вучевиќ.
Додаде дека разговарал со српскиот претседател Александар Вучиќ и дека тој ја прифатил неговата одлука.
„Мислам дека со тоа ја покажуваме одговорноста на оние кои се избрани да бидат одговорни“, рече Вучевиќ на конференцијата.
Ден претходно српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека ќе бара реконструкција на владата.
„Во овие тешки политички времиња се виде кој е подготвен да работи и да се бори, кој не е, и соодветно на тоа, очекувам повеќе од 50 проценти од министрите да бидат сменети во многу, многу итна реконструкција“, рече Вучиќ во вчерашното обраќање.
Тој изјави дека во изминатите три месеци по несреќата на Железничката станица во Нови Сад во која загинаа 15 лица, создадена е „атмосфера која никому не му одговара“.
Студентите повеќе од два месеци блокираат повеќе од 60 факултети и бараат кривична и политичка одговорност за смртта на 15-те луѓе кои загинаа во уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад.
Владините претставници тврдат дека се исполнети сите барања на студентите. Академците, пак, велат дека барањата се делумно исполнети и дека прекинот на работата на факултетите ќе продолжи до понатамошно известување.
Изминативе денови се одржаа неколку масовни протести на кои присуствуваа десетици илјади граѓани на повик на студентите кои ги блокираат универзитетите.
Вишото јавно обвинителство во Нови Сад поднесе обвинение против 13 лица во врска со уривањето на настрешницата. Меѓу обвинетите се поранешниот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ и неговата помошничка Анита Димоски, како и поранешната директорка на јавното претпријатие „Инфраструктура Железници Србија“ Јелена Танасковиќ.