Самостојната ликовна изложба „Линии и бои (интроспекции)“ на уметникот и писател Христо Петрески ќе се отвори на 4 февруари со почеток во 20 часот во Галерија 2 во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје. По свеченото отворање на изложбата, македонски писатели ќе читаат своја родољубива поезија.
„Сликарот се изразува преку линии, форми и бои, а писателот преку зборови, симболи и метафори. Но, уметноста нема граници и бариери, односно тие се тенки и речиси непостоечки и невидливи, па идеите, емоциите и пораките се прелеваат, зрачат и значат. Оваа изложба, всушност, е уште една авторска интроспекција, еден оттргнат дел од мозаикот, парче душа, троа материјализиран облик и изблик, дел и фрагмент од просторот и времето“, се вели во најавата.
Петрески досега има излагано свои ликовни дела на повеќе од 20 самостојни ликовни изложби и има учествувано на три меѓународни ликовни колонии. Основач е на традиционалната Мултимедијална колонија во Битола, како и на Галеријата на познатите во Скопје. Автор е на книгата „Ликовната уметност е она што (не) се гледа“. Меѓународното списание „Диоген про култура“ посвети цел тематски број за ликовното творештво од Петрески.
„Во уметноста одлучувачки фактор е слободата; на уметникот не му требаат совети и предлози, тој самиот доаѓа до сите решенија, па така и до нови техники. Тоа откривање е слично на кулинарските вештини – тајната е во малите работи, подобро кажано во – триковите. Необичните слики на Христо – КОРЕНИ – се пример за уметниковиот таен рецепт. Можам да коментирам еден дел од неговите слики, но јас ги преферирам портретите на женските ликови кои што тој ги ставил на пиедестал. Женските ликови имаат очи на разни делови од телото – тие очи се нивното непостоечко оружје коешто им дава СПОСОБНОСТ истовремено да перцепираат слики, дури и звуци кои доаѓаат од разни правци. За ова говори психологот Барбара де Ангелис. Како и секој уметник, Христо постојано се сомнева, но не треба да се плаши од критики, бидејки некои критикуваат по инерција, или пак, не критикуваат поради немање храброст да ги вреднуваат туѓите дела. Или едноставно остануваат рамнодушни, но доволно е да забележуваат и коментираат“, истакнува Невенка Томиќ, преведувачка и критичарка.
Изложбата ќе биде отворена до 14 февруари.