Операта „Каваларија рустикана“ од италијанскиот композитор Пјетро Маскањи ќе се изведе на 31 јануари со почеток во 20 часот на сцената на Националната опера и балет (НОБ).
„’Кавалерија рустикана’ е едно од најуспешните дела до италијанскиот композитор Пјетро Маскањи, чиј успех не успеал да го повтори во остатите опери кои ги создал по неа. Tрагична приказна за љубовниот триаголник, за традицијата која се испречува помеѓу страста и љубовта, омразата и одмаздата“, велат од НОБ.
На нашата сцена ќе се изведе под диригентската палка на Иван Еминовиќ, а во режија на Џандоменико Вакари од Италија. Сценограф е Зоран Николовски, костимограф е Елена Дончева, концерт-мајстор е Верица Ламбевска, хор-мајстори се Ѓургица Дашиќ и Јасмина Ѓорѓеска.
„’Кавалерија рустикана’ е оперски бисер натопен во страст и со одмазда како главен движечки мотив и еден од најомилените и најизведуваните оперски наслови до ден-денес на светските оперски сцени“, истакнуваат тие.
Настапуваат Весна Ѓиновска Илкова во улога на Сантуца, Зоран Сотиров како Туриду, Марјан Јованоски како Алфио, Марија Наумовска во улогата на Лола, Марика Поповиќ како Мајка Лучија во придружба на хорот и оркестарот од Националната опера и балет.