[Интервју] Унковски: Во 36 дена снимање на „Диџеј Ахмет“ се осетив како да сум завршил четири години факултет

Во киносали во Јута изминатава недела се слушаше турски јазик, на дијалект кој Јуруците во радовишкиот регион го зборуваат. Посетителите на реномираниот филмски фестивал „Санденс“ ја следеа приказната на Ахмет, 15-годишно дете од македонското село Али Коч, кој сака да стане диџеј, истовремено справувјаќи се очекувањата од семејството и со својата прва љубов.

Станува збор за „Диџеј Ахмет“, дебитантскиот долгометражен филм на режисерот и сценарист Георги М. Унковски. Пет години откако Унковски го напишал првичното сценарио, по долг и напорен процес на финасисрање и снимање, филмот го виде светлото на денот на неговата премиера на „Санденс“, каде има шест проекции, а Унковски се надева дека во следните месеци ќе ја има и својата македонска премиера.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Films Boutique (@filmsboutique)

Првичните критики од списанија како „Варајети“ и „Холивуд рипортер“ ја истакнуваат фотографијата, глумата, хуморот и топлината на емоциите во филмот. Критичарот Карлос Агилар од „Варајети“ на објава на „Х“ нагласи дека филмот му бил најомилениот на фестивалот и дека некоја „паметна дистрибуциска компанија треба да го откупи филмот“.

На Унковски не му е првпат на „Санденс“ – неговиот краток филм „Налепница“ беше прикажан на фестивалот во 2020 година. Но тоа искуство не можело да го спреми за мноштвото позитивни реакции од американските гледачи, многу од кои и го застануваат главниот глумец Ариф Јакуп, барајќи селфиња. На крај, филмот освои две награди на фестивалот од категориите за Светски драмски филм – награда од публиката и специјална наградата од жирито за креативна визија.

Радио МОФ се чу со Унковски додека е во САД, уште пред да стигне веста за двете добиени награди, за да ни раскаже повеќе за правењето на овој филм.

Кои беа првите креативни никулци за филмот, која беше првичната идеја?

Јас некое време имав една сцена што не можев да ја извадам од глава – овчар шета по планина и одеднаш налетува на техно журка што се случува во шума. Тој контраст ми се беше многу привлечен, како нешто што навистина би можело да се случи во Македонија. 

Истовремено, бев опседнат со разни жанрови на музика, особено тие што комбинираа етно и техно. Иако таа музика на крај не влезе во филмот, мислам дека чусвтството од песните остана во филмот – тој судир меѓу традиционалното и модерното, што го имаше и во иницијалната идеја со овчарот и техно журката.

Во однос на тонот на филмот, критиките досега го истакнуваат миксот на драма и комедија, микс кој е пристуен и во твојот краток филм „Налепница“. Што те привлекува за таа мешавина?

Највозбудливо ми е да бидам на линија меѓу двете. Мислам дека во нашите животи има доста хумор, во сите наши трагедии и несреќи. Јас во суштина нејќам драма како жанр, посебно мелодрама. Не сакам на публиката експлицитно да им кажам како треба да се чувствува за одредени работи.

Хуморот е глобален. Најмногу ме радува што можеме да снимиме смешна сцена во Радовиш и после цела сала во Јута да се смее. Нема поубаво чувство од тоа за мене, ми покажува дека можеме да се разбереме на толкави дистанци. Тоа за мене е најубавото нешто и ми покажува дека правиме тоа што треба да го правиме.

Во однос на универзалноста на филмот, како се справи со тоа да задржиш автентичност во филмот и покрај тоа што снимаш приказна за заедница со која и немаш деиректна поврзаност? 

Важно ми беше филмот да биде соработка со заедницата, да не биде само „јас, јас“, да дојдам со некоја замисла за како филмот треба да биде и да не сакам да се помрднам од неа. Имено, за сценариото соработував со Озел Асанов, еден од малкуте Јуруци (ако не и единствениот) кој има завршено на Факултетот за драмски уметности во Скопје. После го поминавме сценариото и со Ариф, главниот глумец, па и со сите глумци. Исто така ни беше важно што статистите во филмот се од селото Али Коч и од околните села.

Имав различни совети од аспект на тоа колку детално или прецизно треба да се опише нивната култура и јас имав многу дебата во себе додека го пишував сценариото. На крај, сфатив дека со филмот не целев да ги претставувам Јуруците во целост – не мислев дека тоа е мојата задача. Во филмот тие се третирани како да веќе знаеме за нив.

Мислам дека конечната одлука симнува еден товар од филмот, идејата дека тој треба или пак може да ја раскаже целата нивна богата историја и традиција во еден филм. Едноставно кажано, приказната е за Ахмет, кој е Јурук, а не е приказната за Јуруците во Радовиш.

Секако друг важен елемент за автентичноста на филмот е тоа што е на турски јазик. Како беше искуството да режираш на јазик кој не го зборуваш?

Една од најважните одлуки беше дека филмот мора да биде на турски јазик, поточно на јуручкиот дијалект. Тоа беше убедливо најтешкото нешто што можев да го одлучам – имав многу непроспиени ноќи поради тоа. Но, многу помогна што за време на снимањето бев опкружен со две прекрасни жени кои многу добро зборуваат турски јазик – Александра Кардалевска, која беше и acting coach за децата, како и Озлем Имам, која помагаше за сценариото и внимаваше многу на дијалозите.

Пред себе во секој момент ги имав дијалозите на македонски и труски. Воглавно пробував повеќе да се фокусирам на емоцијата која ја даваат ликовите отколку на точноста на репликите. Лично не ми е толку важно да се најточно кажани репликите, поважно ми е да си имаат слобода глумците и да им е удобно.

Научи нешто турски при снимањето?

Да, дефинитвно. Посебно „ајде, идеме уште еднаш“!

 

Многу од критиките на филмот го истакнуваат квалитетот на аматерската глума. Како би рекол дека се разликува работата со професионални наспроти аматерски глумци, и во процесот на подготовки и снимање?

Во суштина, работата со аматерски глумци е многу понепредвидлива, а јас немав претходно искуство ниту со аматерски глумци ниту пак со деца глумци, барем не толку екстензивно.

Со аматерски глумци, многу потешко се стигнува до некои работи, а па и многу полесно се стига до некои други работи, што се поавтентични и поприродни. Некогаш доволно е само нив да ги ставиш во одреден контекст на сцена и тие сами играат. Дури и со Александра во еден момент заклучивме дека понекогаш премногу објаснување може да ги доведе во погрешен правец, или да се преоптоварат со сето тоа што треба да се случи.

Но, имавме среќа што децата, и Ариф и Агуш и Дора, кои иако беа првпат беа пред камера, глумеа како да завршиле академија, како да имаат снимено десет филмови – стварно беа феноменални.

Морам да ја истакнам и Киријана Николовска, феноменален кастинг директор. Буквално до самиот крај упорно се бараа улогите. Дора, која е од Струмица, ја најдовме две недели пред снимање. Бевме спремни да носиме глумица од Истанбул за таа улога. Меѓутоа се појави од никаде девојката, која е навистина феноменална глумица.

Дали имаше други предизвици во процесот на продукција?

Целиот процес на финансирање се одолговлечи бидејќи испадна дека филмот е поголем финансиски предизвик од што мислевме, затоа поминаа 5 години од првото сценарио до неговата премиера. На крај, буџетот го затворивме дури пред 3-4 месеци, со последната поддршка што ја добивме од Хрватска.

И покрај долгиот процес, на крај многу од работите мораа брзо да се направат, вклучително и пробите со глумците, за кои имавме време само неколку недели пред снимањето. Мораше така бидејќи постоеше опасност да ја пропуштиме годината и да не го снимиме филмот. Тоа веќе се чини како лош сон.

Можеби си влегол со некои несигурности во снимањето, но кога заврши снимањето и филмот влезе во фаза на монтажа, како се чувствуваше? Дали имаше страв дека некои елементи во филмот нема да функционираат или имаше добро чувство за снимениот материјал?

Ако сме комплетно искрени, по снимањето доживеав еден од потешките периоди во животот. Премногу бев влезен во процесот и сè беше премногу комплицирано, и од логистичка и режисерска перспектива. Моето искуство претходно се состоеше од два кратки филмови, последниот од кој беше со малтене еден главен лик, драматуршки многу поедноставна приказна.

Тука одеднаш бев со тројца глумци, кои никогаш не се појавиле пред камера, на јазик којшто не го зборувам. Снимавме во село 36 дена на секакви услови, со многу компромиси. Некогаш кога ги немаш условите коишто си ги замислил, те тера на покреативни решенија, што на крај може да испадне и подобро. Ама да не се лажеме, не е секогаш подобро.

Кога завршивме со снимање, мислев дека тоа е тоа, дека нема да имаме добар филм. Ми требаше едно два три месеца да излезам од тоа чувство.

Многу голема помош во тој процес на спас на моето здравје беше монтажерот Михал Рајх од Чешка. Тој е феноменален во својата работа и заедно го донесовме филмот до каде што е денеска. И на него како и на многу други кои се жртвуваа за филмот сум многу благодарен. Сакам да го споделам успехот со сите нив и навистина сум горд од филмот кој го направивме.

Но ете, филмот се заврши и стигна на „Санденс“ и досега има одлични критики. Какви се реакциите на гледачите во киносалите?

По секоја проекција нас ни доаѓаат по 30-40 луѓе со гушкања, со честитања, со плачење.

Вчера го гледавме филмот во средно школо во Солт Лејк Сити со 500 тинејџери. Навиваа, се смееја, аплаудираа, играа во столици. Ариф, кој го игра Ахмет, излегува од кино и го тегнат за јакна, за селфи, автограми му бараат. Комплетно лудило.

Не можам ни да го објаснам, толку ми е нереално сè што ни се случува тука. Ќе ми треба едно месец дена да испроцесирам сè.

Она што ме радува е дека гледам дека луѓето се смеат. Го разбираат мојот хумор и ги допира, што многу ми значи. Тоа е најголемиот комплимент, поважен од која било критика.

Навраќајќи се на целото искуство, што мислиш дека беше движечката сила која ти овозможи да ја истераш оваа приказна до крај и покрај сите тешкотии?

Мислам дека некој инает што го имам. Не знам од кај ми е, дали ми е од моите или од каде поточно. Процесот на правење еден филм е стварно брутален и е многу тешко да се издржи. Мора да е човек упорен, мора малце со глава во ѕид, некогаш и многу. Ама затоа многу во снимањето на овој филм. Во 36 дена снимање се осетив како да сум завршил четири години факултет. До денес ги процесирам тие 36 дена.

Покрај сопствената мотивација, битно беше и што во текот на снимањето се опкружив со луѓе кои се поискусни од мене, нешто што би им го препорачал и на други.

Но да, тој инает е многу клучен во нашата професија, за да можеш пет години да размислуваш на една работа и во 36 дена да ја уништиш, заклучува Унковски, смеејќи се.

Борјан Гаговски