На социјалните мрежи се шири повик за протест по трагичната несреќа која се случи пред два дена, а во која беше прегазена и загина 22-годишната Фросина Кулакова.
Протестниот собир и блокадата е најавено дека ќе започне во 13 часот, на местото каде смртно беше прегазена 22-годишната девојка, односно најавено е блокирање на булеварот „Партизански одреди“, кај пешачкиот премин спроти пекарницата „Силбо“.
Обвинителството соопшти дека 20-годишниот возач В.Ј., кој ја усмрти Фросина возел под дејство на алкохол, немал возачка дозвола и со огромна брзина поминал на црвено светло додека девојката го поминувала булеварот на пешачки премин. Одреден му е притвор од 30 дена. Инаку, претходно, обвинителството соопшти дека тој бил обвинет за други кривични дела – неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. Во текот на постапката за овие дела, В.Ј. бил во притвор, а скопскиот Кривичен суд му го укинал притворот и го упатил во воспитно-поправниот дом во Тетово.