Студентите од Институтот за филозофија: Нацрт концепцијата за гимназиско образование е недостојна

„Ние, студентите од Институтот по филозофија при УКИМ, ја изразуваме нашата длабока загриженост во врска со неодамнешниот предлог за укинување на филозофијата како задолжителен предмет и нејзино сведување на изборен предмет со почетно изучување, како и укинувањето на етиката и логиката од наставната програма во средните училишта и нивно инкорпорирање во содржината по предметот филозофијата. Цврсто веруваме дека оваа одлука ги загрозува основните принципи на образованието и претставува значителна закана за интелектуалниот и моралниот развој на идните генерации“.

Вака започнува ставот на студентите од Институтот за филозофија за Нацрт концепцијата за гимназиско образование. Според нив, предметите на логиката и етиката се однесуваат на два важни аспекти на човековиот развој: моралната свест и совест и правилното расудување. Расудувањето без морална свест и совест, велат, води кон многу страшни и деструктивни последици, а моралната свест без расудување не може да се примени.

„Затоа сметаме дека овие два, особено важни, аспекти воспитаникот во развој не може (адекватно) да ги разбере, усвои и примени, доколку не ги изучува поподробно, а тоа не може да се направи ако не им посвети особено внимание и на едната и на другата посебно и засебно. Кога станува збор за филозофија како предмет кој ги воопштува сите науки, сите мисли за светот, мислата за самата мисла, знаењето, вредностите и човекот воопшто, сметаме дека еден таков важен и крупен предмет не може адекватно да се разбере ако неговото изучување се сведе на два часа неделно“, истакнуваат студентите.

Како што велат, тие се рационални, морални, хумани луѓе, вљубеници во мудроста, кои особено ја вреднуваат критичката и креативната мисла и затоа, посочуваат дека не можат и нема да дозволат вакво понижување и сведување на овие важни предмети на пониско ниво.

„Ваквиот недостоен однос може да има последици и за државата и нејзината безбедност воопшто, затоа што постои голема опасност да произведе луѓе без критичка и морална свест, а тоа е многу опасно за една држава, која прокламира дека ги цени демократските, слободољубивите и хуманите вредности и се стреми да стане дел од меѓународни организации во кои овие вредности се ставаат на највисоко ниво“, велат тие.

Поради ова, додаваат, тие се согласуваат со ставот искажан од професорите на нивниот институт и бараат во концепцијата да се врати предметот Филозофија како задолжителен за четврта година, предметот Етика да се воведе како задолжителен во трета година, предметот Логика да се стави во групата изборни предмети за почетно изучување.

„Државата може да оди напред само со мудри луѓе со отворен ум, широки знаења, кои ја согледуваат целината. Да не дозволиме да уназадуваме од она што досега се постигнало благодарение на луѓето кои ја (со)гледале целината“, поентираат студентите.

Куп реакции за Нацрт концепцијата за гимназиско образование