Српските студенти номинирани за Нобеловата награда за мир

Студентите од Србија и официјално се кандидати за Нобеловата награда за мир, напиша писателот и драматург Синиша Ковачевиќ на социјалната мрежа Х, пренесува Н1.

„Штотуку пристигна потврда од Нобеловиот комитет дека е прифатена номинацијата за Нобеловата награда за мир“, напиша тој.

Студентите ширум Србија протестираат веќе два месеци, а на нивните акции се приклучија и граѓаните во речиси сите делови на земјата. Прво почнаа да ги блокираат факултетите, а потоа почнаа да излегуваат на улица и да бараат да се исполнат барањата што ги поставија до институциите.

Власта постојано се обидуваше да го задуши нивниот бунт, нудејќи им различни бенефити, но тие не се откажаа од борбата и нивните барања.

Блокадите на факултетите почнаа на Факултетот за драмски уметности, чии студенти и професори беа нападнати на 22 ноември додека мирно ја блокираа улицата на 15 минути за да им оддадат почит на загинатите во уривањето на настрешница на Железничката станица во Нови Сад. Бунтот набрзо се прошири на повеќе од 60 државни универзитети низ Србија.