Од денеска поскапо парно за 5% за дел од скопските домаќинства

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе одлука со која од денеска цената за потрошувачите на топлинска енергија во Град Скопје ќе се зголеми за 5.03%, како резултат на зголемената цена на природниот гас на светските берзи за 16% во последниот квартал од 2024 година.

„По доставено барање од страна на ЕСМ Дистрибуција на топлина, ЕСМ Производство на топлина и ЕСМ Снабдување на топлина, РКЕ пристапи кон длабинска анализа која покажа дека цената на природниот гас во последниот квартал од изминатата година е реално зголемена на светските берзи за 16%. Во одлуката од јули пресметката за цена на топлинска енергија е направена со прогнозирана цена на природен гас од 37 евра за 1 MWh (Q4 2024), a сега при набавка на природен гас постигната е цена од 43 евра 1 MWh. Како што знаете, ние сме 100% зависна земја од увоз на природен гас, енергенс кој е основно гориво за работа на топланите
и за да продолжи непречена испорака, неопходно беше да се донесе оваа одлука“, рече претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.

Ова зголемување, се очекува просечната сметка да ја зголеми за околу 100 денари и од сегашните 2.100 денари, од февруари да се плаќа околу 2.200 денари, посочи Бислимоски.

„Вие знаете дека минатата година имавме обратен процес кога цената на природниот гас на берзата беше пониска од предвидената и поради тоа донесовме поволна одлука за категоријата останати корисници. Сметките тогаш се намалија за 35%“, рече тој.

РКЕ во текот на следната недела ќе го разгледа и ќе донесе одлука по барањето за цена на ЕСМ Енергетика кои снабдуваат околу 2.000 корисници, истакнаа оттаму.