Речиси за половина бил намален прометот на осум најголеми ланци маркети за време на вчерашниот еднодневен бојкот, кој беше најавен на социјалните мрежи.
Прометот на осумте најголеми трговски ланци во петокот до полноќ, изнесувал 114,293,367 денари, соопшти Управата за јавни приходи (УЈП).
За разлика од денот на бојкотот, во четвртокот, во GPRS системот на УЈП бил регистриран вкупен промет во износ од 212,782,151 денари.
„Минатиот петок, на 24 јануари во УЈП е регистриран вкупен промет во износ од 213,985,705 денари. Според споредбената анализа на податоците од вчера и претходниот петок во осумте поголеми ланци на маркети е забележан пад на вкупниот промет за 46.59 отсто. Во однос на четвртокот, пак, забележан е пад на вкупниот промет за 46.29 отсто“, информираа од УЈП.
Инаку, ваквиот повик кој масовно се споделуваше на социјалните мрежи доаѓа по успешната масовна акција на бојкот во Хрватска на 24 јануари. Ист ваков повик за бојкот се прошири и во Босна и Херцеговина и во Црна Гора.