[Став] Што е проблемот со германската економија?

Мајкл Спенс

Германија ја има улогата на главен двигател на Европа, а тоа делумно се должи на фактот дека, на почетокот од овој век, нејзините индустриски сектори ги презедоа оние сегменти кои имаа највисока додадена вредност во однос на глобалните синџири на снабдување. Повторувањето на ваквиот успех денес ќе бара од Германија да биде предводник на дигиталната трансформација, а тоа не може да го направи без ЕУ.

Некогаш нарекувана како „болниот човек од Европа“, Германија сега е повторно болна. Нејзината економија забавува со многу позасилено темпо отколку што е тоа случај во остатокот од Европа и државата, можеби, се наоѓа во рецесија. Ќе може ли оваа земја наскоро да се опорави?

Не е тешко да се препознаат факторите кои се причина за неуспехот на Германија. Како и во поголемиот дел од развиениот свет, веќе некое време се забележува бавен раст на продуктивноста а, згора на тоа, она што влијаеше на растот во периодот по завршувањето на пандемијата со КОВИД-19, беше инфлацијата (вклучувајќи го и порастот на цените на енергијата). Војната во Украина ги засили овие тенденции, принудувајќи ја Европа да ги замени руските фосилни горива со други, поскапи супститути. Повисоките цени на енергијата особено тешко ја погодија германската индустриска економија.

Германија, исто така, се соочува со намалување на побарувачката за нејзиниот извоз, и тоа е така поради недоволниот глобален раст, слабоста која постои на клучните пазари (особено Кина) и зголемената конкуренција од странство во однос на автомобилите и напредните машини кои се користат во индустријата. Извозот, исто така, има суштинско значење за германскиот економски модел: државата има долгорочни (и сегашни) трговски суфицити, при што целта е да се компензира за недоволната домашна агрегатна побарувачка.

Дополнително, тука е и недостигот на работна сила. Како што е случај со повеќето развиени земји, а така е и со Кина, населението во Германија старее. На секои 1.35 новородени, стапката на природен прираст е значително помала од стапката на природна замена која изнесува 2,1.

Ако на ова го додадеме и подолгиот животен век, можеме да констатираме дека во Германија се забележува зголемување на соодносот на зависноста (тоа е уделот на зависно население (стари и млади) наспроти работоспособното население), што ги оптоварува системите за социјално осигурување и здравствена заштита. Работната сила сега брои околу 44 милиони луѓе и, доколку нешто суштински не се промени (да речеме, значително се зголеми учеството на работната сила или на нето миграцијата значително се зголеми) нејзиниот број ќе почне да се намалува во текот на претстојната деценија.

Последно кога Германија се соочи со вакви сериозни економски предизвици (кон крајот на 1990-тите години), владата, во соработка со индустријата и работната сила, спроведе далекусежни реформи кои подразбираа спроведување на суштинска структурна промена: германските индустриски сектори се поместија во насока на тоа да ги заземат оние сегменти од синџирите на снабдување кои додаваа висока вредност, додека другите сегменти се преселија во земји во кои трошоците се пониски, вклучувајќи ги тука и новите посткомунистички економии од Централна и Источна Европа. Во периодот до 2006 година, Германија ги надминуваше другите големи економии во Европа и тоа беше така сè до 2017 година.

Повторувањето на ваквиот успех денес ќе бара од Германија да биде предводник на дигиталната трансформација. За среќа, на Германија не ѝ недостигаат таленти, ниту претприемничка активност или иновативен капацитет. Компанијата BioNTech, која има седиште во Мајнц, е водечки производител на вакцини и третмани за рак, и тој сè повеќе е присутен во глобални рамки. Берлин, Минхен и Хамбург можат да се пофалат со процут на претприемачки екосистеми и центри за иновации. Вкупно четириесет и шест уникатни субјекти во Германија (кои главно кои работат во дејности кои функционираат благодарение на дигитална технологија) добија средства од домашни и меѓународни фирми за ризичен и приватен капитал.

Технолошкиот напредок, меѓутоа, се случува побрзо кога се работи за големи и мошне интегрирани пазари, бидејќи приносите од првично скапото инвестирање во иновации се повисоки тогаш кога е поголем целниот пазар. Тоа значи дека напредокот во Германија значително ќе зависи од европската политика.

Некои можеби ќе речат дека главниот проблем тука е што светската економија станува сè пофрагментирана, покомплицирана и помалку отворена – нешто што, можеби, е трајно. Сето тоа доведува до големи предизвици, особено за индустриска економија која е извозно ориентирана, како што е Германија.

Притоа, уште поголема пречка за структурни промени во економијата кои се придвижувани од дигитализацијата, особено во Германија, е растечкиот дигитално-технолошки јаз меѓу Европската Унија и другите два економски моќници на глобално нив – САД и Кина. Се чини примамливо да се сведува на минимум важноста од постоењето на ваквиот јаз, бидејќи разлики може да се појават во кој било сектор со текот на времето и помеѓу повеќе држави. Притоа, дигиталните технологии не формираат само еден сектор, туку тие имаат суштинско значење за технолошката и структурната трансформација на секој сектор во економијата, вклучувајќи го и индустриското производство.

Во својот извештај за конкурентноста во Европа, кој беше објавен во септември 2024 година, Марио Драги, поранешен шеф на Европската централна банка и премиер на Италија, ги разгледа главните причини за постоење на технолошки дефицит во ЕУ. Некои од нив (на пример, недостатокот на основни истражувања во науката и технологијата) можат да се решаваат само на ниво на ЕУ (факт кој е можеби непријатен за Германија) бидејќи бараат централизирано финансирање и администрирање. Слично на тоа, интеграцијата на услужниот сектор и на пазарот на капитал (што е од суштинско значење за да им се овозможи на европските иноватори да ги искористат сите придобивки од големата европска економија) е нешто што ќе бара координирана активност помеѓу државите.

Уште нешто што можеби ќе биде потребно е преиспитување на регулаторните пристапи кои постојат на ниво на ЕУ. Онака како што сега стојат работите, мега-платформите кои се поддршка за најголемите системи за клауд компјутери (и кои генерираат спин-оф и истражување врз основан а финансирање, и тоа особено во квантните компјутери, вештачката интелигенција и апликациите за вештачка интелигенција кои се користат во науката) и кои го поддржуваат развојот на вештачката интелигенција, се наоѓаат главно во САД и Кина.

Секако дека главните играчи (Microsoft Azure, Amazon Web Services и Google) имаат основано големи центри за податоци во Европа, вклучувајќи ја тука и Германија, за да можат да ги опслужуваат домашните пазари, да ги искористат расположливите научни таленти во Европа и да се усогласат со правилата на ЕУ за заштита на податоците и со прописите за вештачка интелигенција. Меѓутоа, она што не постои се споредливи субјекти кои произлегле и се развиле во домашни услови во државата. Ваквата ситуација придонесе за постоење на регулаторна и политичка пристрасност кога станува збор за ублажување на ризикот и безбедноста на податоците, при што се посветува помалку внимание на искористувањето на технолошкиот потенцијал и на создавањето средина која е поволна за дигитална структурна трансформација.

Последен императив за Европа, а особено за Германија, е напредокот во дигиталната трансформација на индустриските сектори, вклучувајќи ги и автомобилите, каде што кинескиот напредок во делот на производство на акумулатори за електрични возила и во соларната енергија претставува огромна конкурентна закана. Ова ќе бара од постоечките фирми да ја надминат организациската инерција и да се откажат од старите размислувања и модели. Што е уште поважно, ќе биде потребно софтверско инженерство од масовен обем. Притоа, Европа во моментов нема доволно квалификувани луѓе за овие работни места.

Зголемувањето на продуктивноста во делот на софтверскиот инженеринг која е поттикната од вештачка интелигенција може да помогне во премостувањето на ова тесно грло, суштинско значење и понатаму ќе има инженерскиот талент. Тука би можеле да бидат од помош промени во имиграциската политика.

Постои причина да се биде внимателен оптимист. Кинескиот стартап DeepSeek штотуку го вчудоневидени светот на вештачката интелигенција така што покажа дека најсовремениот голем јазичен модел може да се обучи и за многу поевтино и со значително помала компјутерска моќ отколку што првично се мислеше. Ова откритие потенцијално го намалува недостатокот кој постои кај ЕУ во делот на компјутерска инфраструктура која е потребна за поддршка на сè поголемиот развој на вештачката интелигенција, а со тоа се отвора можност не само за Германија туку и пошироко за Европа да се премости јазот кој постои сега во однос на актуелните светски технолошки лидери.

Притоа, успех ќе биде можен само доколку лидерите на ЕУ, националните влади и индустријата заеднички работат на мобилизирање на потребниот човечки капитал и на испорачување на потребните инвестиции, и тоа не само во делот на дигиталната инфраструктура туку и пошироко.

*Мајкл Спенс е добитник на Нобелова награда за економија, почесен професор по економија и поранешен декан на Факултетот за бизнис на Универзитетот Стенфорд. Тој е виш соработник во Институтот Хувер, виш советник во General Atlantic и претседател на Глобалниот институт за раст. Исто така, тој е претседател на Советодавниот одбор на Asia Global Institute и член на Академскиот комитет на Академијата Луохан. Поранешен претседател е на Комисијата за раст и развој и коавтор (заедно со Мохамед А. Ел-Ериан, Гордон Браун и Реид Лидоу) на книгата “Permacrisis: A Plan to Fix a Fractured World” (Simon & Schuster, 2023).

**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА

***Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторите и ненужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ.