Европската централна банка го менува дизајнот на еврата по 23 години

Европската централна банка (ЕЦБ) го менува дизајнот на еврата по 23 години и објави скратена листа на мотиви за новите банкноти во две можни тематски целини – европската културна и природната разновидност, пренесува Ал Џазира Балканс.

Според предлогот, на новата банкнота од пет евра ќе биде прикажана грчката оперска пејачка Марија Калас, на банкнотата од десет евра ќе биде германскиот композитор Лудвиг ван Бетовен, на банкнотата од 20 евра ќе биде полската научничка Марија Кири, банкнотата од 50 евра ќе го прикажува шпанскиот писател Мигел де Сервантес, банкнотата од 100 евра ќе го има италијанскиот уметник и пронаоѓач Леонардо да Винчи, а банкнотата од 200 евра ќе ја има австриската писателка и пацифист Берта фон Сутнер.

Од позади на банкнотите ќе бидат прикажани културни настани или објекти.

Тематската целина „Реки и птици: отпорност во разновидност“ според ЕЦБ, ја истакнува отпорноста и различноста на европските природни екосистеми со прикажување на различни фази на реки и различни видови птици, со што се нагласува важноста од заштита на природата и животната средина.

Европските институции прикажани на задната страна на банкнотите потсетуваат на фундаменталните вредности на европскиот проект, кој вклучува и заштита на животната средина, додаваат од ЕЦБ на својата веб-страница.

Европската централна банка ќе формира жири оваа година и ќе започне конкурс отворен за дизајнери од целата Унија, а во 2026 година ќе ѝ се обрати на јавноста и ќе побара од неа да избере дизајн што им се допаѓа, од потесниот избор.

„Развиваме нови банкноти затоа што сме посветени на готовина сега и во иднината. Банкнотите се симбол на нашето европско единство и со новите мотиви ја славиме нашата заедничка историја и посветеноста на одржлива иднина“, рече членот на Извршниот одбор на ЕЦБ, Пјеро Циполоне.

Се очекува Управниот совет на ЕЦБ да донесе конечна одлука за дизајнот во 2026 година, а новите банкноти би можеле да влезат во оптек по неколку години.