„Загревање“ за „Скопје Синема Сити“: Три дена музички документарци во „Котур“

Фестивалот „Скопје Синема Сити“ кој веќе една деценија го негува музичкиот документарен филм, за својата публика го подготви настанот „загревање“ и во периодот од 6 до 8 февруари, во соработка со „Котур“, организира проекции на три музички документарци за рок фотографот Антон Корбајн, „Њу ордер“ и Моби.

„За да го одржиме ритамот до следното фестивалско издание на кое не чекаат многу изненадувања, од четврток до сабота, ви нудиме загревање со деликатесни музички документарци, во клупскиот амбиент на Котур“, велат организаторите.

Во овие три дена со почеток во 20 часот, ќе бидат прикажани три значајни музички документарни филмови: „Изнесено на Виделина“ за рок фотографот Антон Корбајн, „Њу Ордер – Декади“ за бендот Њу Ордер и „Моби Док“ за музичарот Моби.

Првиот филм, „Антон Корбајн: Изнесено на Виделина“, кој ќе се прикаже на 6 февруари, го следи животот на холандскиот фотограф кој ги создал некои од најпознатите портрети во изминатите 4 декади како Ник Кејв, Боуви, U2, Metallica и Nirvana.

Вториот филм, „Њу Ордер: Декади“, ја прикажува соработката на бендот „Њу Ордер“ со Манчестерскиот Интернационален Фестивал и истовремено ја истражува историјата на групата, вклучувајќи ја и нејзината претходна инкарнација, „Joy Division“.

Последниот филм, „Моби Док“, ќе биде прикажан на 8 февруари и е експериментален биографски документарец за музичарот Моби, кој преку комбинација на интервјуа, реконструкции и архивски материјали ја прикажува неговата трансформација од бунтовен панк музичар во глобална суперѕвезда и активист.