Сменета директорката на клиниката „Козле“ Каролина Симоновска која на новинарите им забрани да го користат нејзиното име

Директорката на Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“, Каролина Симоновска која испрати јавно соопштение со кое на медиумите им забранува да се споменува нејзиното денеска е сменета од функцијата.

Од Министерството за здравство (МЗ) информираа дека за нова директорка на Детската клиника е назначена д-р Катерина Бошковска.

„Д-р Бошковска е супспецијалист по педијатриска пулмологија. Во рамки на наставно образовната дејност е вклучена во активностите на катедрата при УКИМ и во последните пет години има објавено голем број научни трудови. Министерството се заблагодарува за досегашниот ангажман на претходната директорка д-р Каролина Симоновска“, соопштија од Министерството.

За изјавата на Симоновска, претходно реагираа и од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) од каде рекоа дека нејзиното јавно соопштение претставува форма на јавeн притисок насочен кон медиумите. Ваквите објави, тие посочија дека се директна цензура врз новинарите и ја поткопуваат слободата на изразување и независноста на медиумите.

Реагираа и од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ). Од таму ја потсетуваат Симоновска дека јавната функција за која е избрана е предмет на опсервација на новинарите и медиумите, и дека со самото тоа што прифатила да извршува јавна должност, прифатила и нејзината работа да биде под лупа на јавноста.

Директорката на Детската клиника „Козле“ Каролина Симоновска на новинарите им забрани да го користат нејзиното име