„ВИ Сега“: Лансирана нова платформа за едукација и етичка примена на вештачката интелигенција

Лансирана е новата платформа „ВИ Сега“ која ќе поттикнува едукација, истражувања и етичка примена на оваа технологија, соопштија од истоимената новоформирана невладина организација.

Како што истакнуваат оттаму, организацијата има за цел да ја приближи вештачката интелигенција (ВИ) до сите, без мистификација, со јасна визија и етички пристап.

„Сите зборуваме за вештачката интелигенција, но ретко кој навистина размислува за тоа каде нè води и како можеме да ја искористиме за добро. Затоа ја основавме организацијата ‘ВИ Сега’ – со цел да ја направиме оваа технологија достапна и разбирлива за сите, со фокус на етичкиот аспект и јасна насока за нејзина примена“, изјави Суад Сефери, основач на организацијата.

Вештачката интелигенција е тема која доминира во денешниот дискурс, но, како што велат од „ВИ Сега“, ретко кој се задлабочува во нејзините импликации и потенцијал, додавајќи дека тие се стремат да биде катализатор за позитивни промени преку едукација, поддршка на иновации и соработка со истомисленици.

Моментално, организацијата е во процес на потпишување меморандуми за соработка со други невладини организации, академски институции и поддржувачи.

„Ова не е проект на неколку луѓе – ова е покана за сите кои веруваат дека иднината треба да се гради сега. Ако сте љубопитни како ВИ може да ви помогне, ако сакате да учите или едноставно да бидете дел од нешто поголемо – вратата на „ВИ Сега“ е отворена. Следете нè, затоа што ова е само почеток“, посочи Сефери.

Од „ВИ Сега“ велат дека сите што сакаат да бидат дел од организацијата треба да го пополнат формуларот на следниов ЛИНК. Тие најавуваат дека организацијата ќе организира семинари, работилници и обуки за ученици, студенти и професионалци, ќе поттикнува научни истражувања и ќе развива стандарди за етичка примена на ВИ во различни индустрии.

Истовремено, додаваат дека со иницијативата се стремат да ја постават Македонија на мапата на земји кои активно работат на интеграција на вештачката интелигенција во своето општество и економија.