Договорот со фирмата која ќе треба да ја изгради првата регионална депонија во земјава, во селото Мечкуевци во Свети Николе, може да биде потпишан во првата половина на годинава. Тендерот кој беше објавен во октомври минатата година сѐ уште е во тек и течат роковите за достава на понудите од заинтересираните компании. Според најавите од Министерството за животна средина, евалуацијата на понудите би требало да започне овој месец февруари, пишува новинската агенција Мета.
„Доколку тендерската постапка биде успешна, се очекува договорот да биде потпишан најдоцна до јуни“, информираат од Министерството.
Изградбата на првата регионална депонија, која ќе треба да ги опслужува Североисточниот и Источниот регион во земјава се очекува веќе долго време. По неколкугодишни планирања и подготовка на тендерската документација, конечно се гледа крајот на целиот процес. За депонијата, која треба да функционира според европските стандарди, земјава веќе доби грант од 40 милиони евра. Проектот е финансиран од фондовите на Европската Унија во рамките на Повеќегодишната програма за акција за животна средина и клима (2014-2020).
Според анализите, најекономично и најисплатливо за третманот на отпадот на правилен начин во земјава е групирање во пет регионални системи, со пет регионални санитарни депонии. Освен таа во Свети Николе, такви се и депонијата Русино за Полошкиот регион, депонијата Мегленци во Општина Новаци за Пелагонискиот и Југозападниот регион, депонијата Доброшинци за Вардарскиот и Југоисточниот регион и скопската Дрисла.
Според проектот за првата европска депонија во земјава, во Свети Николе ќе има една централна постројка за управување со отпад, која ќе биде лоцирана во селото Мечкуевци, како и шест претоварни станици во Куманово, Ранковце, Штип, Виница, Македонска Каменица и во Берово. Центарот ќе треба да опслужува околу 370.000 лица од кои се генерира отпад од околу 112.094 тони годишно. Домаќинствата ќе имаат две корпи, за отпад што се рециклира и за мешан отпад. Градинарскиот отпад ќе се собира одделно и ќе се носи на компостирање. Предвидено е да се постави и мрежа за извлекување биогас од депонијата за понатамошна енергетска употреба.
Изградбата на претоварните станици и регионалната депонија ќе се одвива паралелно, а додека не се изгради во овие два региона ќе се работи на затворање на нестандардните депонии и ѓубришта, кои во зависност од количината на отпадот, ќе подлежат на различни начини на ремедијација.
Во сите 18 општини во овие два региона ќе треба да се расчистат повеќе од сто диви и нестандардни депонии. Од ѓубриштата на кои има помалку од 3.000 кубни метри отпад ѓубрето ќе се премести на некоја од другите депонии, онаму каде има до 10.000 кубни метри отпад планирано е затворање и покривање без систем за собирање на биогасот, додека поголемите депонии ќе се затвораат со систем за собирање на биогасот. Проектот е вреден околу 10 милиони евра.