Денеска ќе тргне возот од Скопје за Куманово

По две и пол години прекин, денеска повторно ќе стапи во функција редовната железничка линија Скопје-Куманово-Скопје.

Министерот за транспорт Александар Николовски посочи дека првиот воз ќе тргне денеска во 16 часот и 30 минути.

„Патувањето ќе трае 41 минута, два пати дневно ќе оперира и тоа наутро во 6 и 30 ќе тргнува од Куманово и истиот воз назад ќе се враќа кон Куманово. Ќе имаме 4 возoви дневно со што ќе се согласите многу ќе ја олесни комуникацијата меѓу двата града и жителите на Скопје и Куманово ќе имаат можност полесно да доаѓаат дали за работа, дали за образование, за здравство или за било што друго. Тоа ќе го намали загадувањето, ќе ја намали гужвата и најважно од се граѓаните ќе знаат точно кога ќе пристигнат со цел да си ги завршуваат своите работи на време. Исто така во одредени денови возот ќе оди и до Бељаковце, а од следната година кога ќе се изгради пругата до Крива Паланка ќе оперира и до Крива Паланка“, истакна Николоски.

Тој потенцираше дека од јуни со преземањето на власта, како што рече, направено е огромно реструктурирање на претпријатието, каде од нула локомотиви за само неколку месеци, ставени се во функција 14 локомотиви и возови.

„Во јули кога бевме избрани, Македонија практично немаше железница. Немаше оперативни возови и локомотиви кои што можат да влечат товар. Ова депо во јули месец беше запуштено, во него не влегуваше никој. Сликата ја сменивме. Денеска во него има вредни луѓе кои што работат и ги поправаат возовите што оперираат по македонските пруги. Споредено со четвртиот квартал 2023/2024 во делот на товарот имаме зголемување за преку 75%. Тоа е срцето на железница бидејќи најголем дел од приходите доаѓаат од карго транспорт. Исто така и во делот на патничкиот сообраќај споредено во 4-от квартал 2023/2024 имаме зголемување од 36 %“, рече Николоски.

Министерот за транспорт најави оти предизвик за следниот период е да се пуштат возови и до Тетово и Гостивар, линијата до Кичево како и до Штип и Кочани.