На 24 јануари 2025 година, администрацијата на Доналд Трамп ја затвори канцеларијата на USAID (Агенцијата на САД за меѓународен развој) во Вашингтон и ја замрзна финансиската помош за странските земји. Овој потег, дел од политиката „Америка на прво место“, резултираше со прекин на програмите за здравство, образование, економски развој и хуманитарна поддршка, кои беа клучни за милиони луѓе ширум светот, пишува ТрансФормА.
Глобален удар врз ранливите заедници
USAID беше еден од најголемите донатори за ЛГБТИК+ заедницата и програмите за ХИВ во земји каде што домашната поддршка е речиси непостоечка. Во свет каде што транс луѓето и лицата што живеат со ХИВ веќе се на маргините, губењето на оваа поддршка може да биде фатална. USAID беше клучен партнер во обезбедувањето пристап до лекови, тестирање и поддршка, а без него, ранливите групи ќе се соочат со уште поголема неизвесност.
Како што пренесува Associated Press, „Субсахарска Африка би можела да биде најпогодена од сите региони за време на оваа пауза во финансиската помош. САД му додели на регионот повеќе од 6,5 милијарди долари хуманитарна помош минатата година. Пациенти со ХИВ во Африка, кои пристигнаа во клиники финансирани од призната американска програма што помогна во сузбивањето на глобалната епидемија на СИДА во 1980-тите, наидоа на затворени врати“.
Associated Press известуваат и дека последиците веќе се чувствуваат и во Латинска Америка. Во Мексико, едно од најпрометните засолништа за мигранти во јужниот дел на земјата остана без лекар. Програма за ментална поддршка на ЛГБТИК+ младите што бегаат од Венецуела беше укината. Во Колумбија, Коста Рика, Еквадор и Гватемала беа затворени така наречените „Канцеларии за безбедна мобилност“, каде што мигрантите можеа да аплицираат за легален влез во САД.
Хуманитарните организации сè уште се обидуваат да добијат јасна слика – колку илјадници програми се затворени и колку илјадници работници беа отпуштени или испратени на принуден одмор поради оваа замрзнување на помошта.
Штефан Клингебил, раководителот на Германскиот институт за развој и одржливост, предупредува дека „Околу една четвртина од трошоците на САД за развојна соработка одат во здравствениот сектор. Во Непал, до 600.000 деца добиваат витамин Б преку овие програми. Веќе пристигнуваат извештаи дека сите проекти финансирани од САД таму запреле и дека многу локални невладини организации морале веднаш да ја прекинат својата работа. Ова влијае и врз борбата против смртоносните болести, како што се маларија, колера, мали сипаници и ХИВ, особено во Африка. Исто така, ќе има последици врз итната медицинска помош во земјите од Југот, помошта за бегалците и поддршката за локалните економии во овие земји“.
Што значи ова за маргинилизираните групи во Северна Македонија?
Северна Македонија, како и многу земји во регионот, се потпираше на поддршката од USAID за различни владини и невладини програми, од јакнење на институциите до поддршка на граѓанскиот сектор, вклучувајќи здравствени иницијативи, економски развој и јакнење на институциите.
од јакнење на институциите до поддршка на граѓанскиот сектор, вклучувајќи здравствени иницијативи, економски развој и јакнење на институциите.
Според информациите од официјалната веб-страница на USAID, агенцијата помагаше во изградба на капацитети и системи за компетентно, транспарентно и партиципативно управување, со цел забрзување на интеграцијата на Северна Македонија во НАТО и ЕУ. На долг рок, USAID ѝ помагаше на Северна Македонија да најде начин да го финансира сопствениот развој.
Со овој потег, ЛГБТК+ организациите и програмите за ХИВ превенција се соочуваат со сериозни финансиски проблеми. Погодени се организации кои работат со млади, како и ЛГБТИК+организации меѓу кои е ТрансФормА која обезбедуваше бесплатна психолошка поддршка, правна помош и активности за застапување на транс заедницата во Северна Македонија. USAID беше важен фактор во овозможувањето на многу од овие програми, а без него, организациите ќе мора да бараат алтернативни извори на финансирање или да ги намалат или стопираат своите активности.
Да не дозволиме маргинализираните да умираат
Ова е момент кога државите мора да преземат одговорност. Губењето на странската помош не смее да биде изговор за запоставување на оние кои се најранливи. ЛГБТИК+ луѓето и лицата што живеат со ХИВ не смеат да бидат оставени без поддршка.
Ги повикуваме властите на Северна Македонија и целиот регион, како и меѓународната заедница да најдат начини да ги надоместат загубените средства и да ги заштитат животите на своите граѓани. Маргинализираните заедници не смеат да бидат жртви на политичките игри на големите сили.
Како што предупредуваат активистите во извештај на Reuters, „Ако државите не преземат одговорност, ова ќе биде смртна пресуда за многу луѓе кои се потпираа на оваа помош.“
Солидарноста и локалната акција сега се поважни од кога било. Не смееме да дозволиме животите на најранливите да бидат оставени на милост и немилост.
ТрансФормА