Тиииит! Инк.: Фестивалот „Прво па женско“ не доби поддршка од Министерството за култура и туризам

Здружението за промоција на женската активност „Тиииит! Инк.“ – Скопје се револтирани и ужаснати од резултатите од Конкурсот за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2025 година, објавени од Министерството за култура и туризам на 3 февруари, согласно кои, велат тие, тринаесеттото издание на Фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“ не добива никаква финансиска поддршка.

Од здружението посочуваат дека „Прво па женско“ е единствениот меѓународен интердисциплинарен фестивал во земјата кој ја промовира феминистичката култура и активизам.

„Во текот на 12те години континуирана работа, наспроти сите ограничувања и предизвици со кои се соочуваме на локалната независна културна сцена, Фестивалот стана, меѓународно препознаена, референтна точка за современите културни и уметнички практики што ги артикулираат родовите прашања и промовираат критичко промислување во културата и општеството“, се вели во реакцијата.

Оваа одлука на актуелното министерство ја карактеризираат како дрска и која испраќа јасна порака дека нема интерес за поддршка на критички културни содржини кои се засноваат на принципите на родова еднаквост, а притоа, велат тие, министерството го оневозможува и развојот на разновидна современа културно-уметничка програма и градењето публика сензибилизирана за критичко промислување на културата и општеството воопшто.

„Со оваа дрска одлука, актуелното Министерство за култура и туризам прави напад врз културните работници/чки, врз уметниците/чките, врз граѓан(к)ите кои ја препознаваат, поддржуваат и придонесуваат кон независната, критичка и феминистичката културна продукција. Со оваа дрска одлука, актуелното Министерство за култура и туризам на Република Северна Македонија просто го прави она што актерите на независната културна сцена и го очекуваа, слушајќи ги предизборните обраќања на денешните функционери – недвосмислено и дефинитивно покажува дека презира жени – особено ако се феминистки, ЛГБТИК+ лица и воопшто маргинализирани групи, за кои, според нив, нема место во културата!“, реагираат од здружението.

Тенденциозното неподдржување на здруженија кои во полето на културата работат на промовирање и застапување на правата на маргинализираните заедници, велат тие, не е само спротивно на националните стратешки приоритети во културата, усогласени со приоритетите на Европската Унија, кои Владата тврди дека ги почитува.

„Тоа отвора и сериозни сомнежи дека предрасудите и дискриминацијата се повторно темел на начинот на кој се носат одлуките во ова Министерството, инаку надлежно да ја негува културата како инструмент за критичко преиспитување на нееднаквостите во општеството и да поттикува развој на инклузивни политики.  Ние од Тиииит! Инк. – Скопје и поширокиот тим на Фестивалот ‘Прво па женско’ одбиваме да ја прифатиме институционалната неправда која ја оневозможува критичната мисла во културата и промовира ксенофобија, мизогинија и хомофобија во нашето кревко општество! ‘Прво па женско’ ќе продолжи да го чува просторот на независната, обединувачка и ослободувачка култура! ‘Прво па женско’ постоело и ќе постои, наспроти сите неправди! И годинава ќе има ‘Прво па женско’! Ќе (ве) преживееме!“, стои во реакцијата.