На неколку локации во Скопје, односно на Битпазар со поглед кон пазарот и булеварот, како и на јужната фасада на ГТЦ денеска осамна цртеж на платно со должина од шест метри. Цртежот го врти вниманието кон проблемот со лажните вести.
Авторот Ѓорѓе Јовановиќ во своето најново дело ја истражува моќта на дезинформациите кои, како што велат од Центарот за современи уметности (ЦСУ), не само што ги искривуваат фактите, туку и ја обликуваат перцепцијата на луѓето и на цели заедници, терајќи ги да живеат во лага предизвикана од доминацијата на погрешни информации.
„Во времиња кога лагите се шират побрзо од вистината, а вистинските вредности сè потешко доаѓаат до израз, авторот испраќа јасна порака: секој треба да придонесе во борбата против лажните вести на свој начин. Во неговиот случај – преку уметноста. Централниот дел на делото е монументален цртеж на платно со должина од шест метри, на кое доминира моќно ‘чудовиште’ – симбол на лажните вести. Ова суштество расте и се храни од лажни вести и дезинформации, ја задушува вистината и ги заслепува граѓаните. Делото го претставува моментот кога човекот престанува да ја гледа вистината, го губи капацитетот за правилно расудување и станува марионета во рацете на креаторите на лажните вести. Оваа уметничка акција не е само уметничко дело и визуелно сведоштво, туку и повик за будење“, велат од Центарот.
Преку акцијата тие сакаат да ги поттикнат граѓаните критички да размислуваат, да се спротивстават на дезинформациите и да ја бараат вистината, без разлика, како што велат, колку е тешка за прифаќање.
„Всушност чудовиштето од насликаната акција е силна метафора за опасностите кои нè демнат ако ја изгубиме способноста за независно и критичко размислување. Затоа преку оваа акција сакаме да ги повикаме граѓаните да не дозволат да бидат дел од масата која слепо верува, туку да ги отвориат очите и да се борат за вистината“, додаваат од ЦСУ.