Бројни училишта низ Македонија утрово се евакуирани поради дојави за бомби.
Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека пристигнале пријави за наводно подметнати експлозивни направи во повеќе основни и средни училишта на речиси цела територија на државата. Оттаму посочија дека надлежните служби на министерството преземаат сеопфатни плански мерки и активности согласно внатрешните процедури за постапување во случај на терористичко загрозување.
„Напоредно со ова се врши и проценка на степенот на загрозувањето во меѓусебна координација на безбедносно-разузнавачките служби, преку формиран оперативен штаб во рамки на Министерството“, соопштија од МВР.
Согласно досегашните активности, како што посочија, проверките покажуваат дека станува збор за лажни пријави.
Истовремено, оттаму повикаа и апелираа за смиреност во јавноста и воздржување од ширење на дезинформации околу ваквите настани што инаку, како што велат, и вчера беа евидентирани во други земји во регионот.
За ситуацијата информираа и од Општина Аеродром, од каде соопштија дека дојави за бомби имало во шест основни училишта во општината, додавајќи дека тимови на МВР веднаш излегле на терен и по извршените контроли учениците се веќе вратени на настава.
„По дојавите, беше постапено согласно со протоколите што се преземаат во вакви ситуации, а децата беа безбедно евакуирани. Повикуваме на смиреност кај родителите, учениците и наставниот кадар“, пишува на официјалната Фејсбук страница на општината.
На Фејсбук се огласија и градоначалниците на Гази Баба и Бутел.
Градоначалникот на Бутел Дарко Костовски посочи дека утрово пристигнала информација дека има дојава за бомби во неколку општински основни училишта и дека целосно и брзо е спроведен протоколот за безбедност и сите ученици се на безбедно во придружба на нивните учители.
И градоначалникот на Гази Баба Бобан Стефковски соопшти за дојави за поставени бомби на повеќе основни училишта на територијата на општината. Тој исто така апелираше на смиреност и почитување на пропишаните правила и протоколи за постапување во вакви случаеви.
„До сега сите дечиња се на безбедно, евакуирани од просториите на училиштата и се во придружба на наставниот кадар. Веднаш по информациите разговарав со надлежните со цел веднаш да се превземат сите неопходни мерки за проверка на пристигнатите информации и институциите веќе постапуваат“, напиша Стефковски.
Во октомври 2022 година речиси цел месец наставата во училишта низ Македонија се одвиваше со прекини поради лажни дојави за бомби. Случаи со лажни пријави за бомби имаше и во месеците потоа.