Пред некоја година донесоа закон каде што моторите до 50 кубика можат да возат со одредена брзина по велосипедските патеки и тоа е најголемата несигурност која ја донесоа и буквално избркаа многу велосипеди и ги демотивираа да возат.
Зошто тоа е лошо:
1.Бидејќи никогаш нема да видите полиција да контролира дали моторите се до 50 кубика.
2.Никогаш ги нема да ја мерат брзината на моторите со која возат на вело-патеките.
Мене на кејот ме мавна мотор со брзина над 60км, се разбира избега. Тие мотори со таа кубикажа главно ги возат малолетници, многу од нив ги имаат уште во основно училиште.
Потребна е помош ова да го прекинеме, ние сме општество кое наместо да спречи потоа лечи, но не смееме да дозволиме да се одземаат животи поради оваа баналност. Сведок бев како моторџија на пешачкиот на „Рекорд“ поминуваше на пешачки со моторот (не слезе од него) и мавна жена со дете во количка и избега од кога му изреагиравме.
Мора и треба да се постават јасни правила, во Македонија колку и да не се доживува сериозно велосипедот мора да се знае дека и тоа е сообраќај. Сообраќај кој не загадува, не прави бука (noise), не прави редици, гужви и застој, а воопшто не е почитуван.
Сведок сум и го живеам ова секој ден бидејќи велосипедот ми е превозно средство, барам да бидат респектиран, а не како досега бидејќи моторните возила се доживуваат и знаат дека се појаки да не’ малтретираат и воопшто да не внимаваат дали ќе те повредат или убијат.
Во Европа велосипедот е радост, кај нас е борба и нон-стоп додека возите треба да внимавате да не бидете прегазени одејќи до местото каде што е потребно да стигнете.
Апелирам властите да го изменат овој закон и да кажат СТОП на моторните возила на вело-патеките.
Божидар Јововиќ, активист, велосипедист