Јаневска: Ги повикувам сите да се вклучат во јавната расправа за промените во гимназиското образование, имаме една година за нивно усвојување

Подобро образование во оваа земја мора да има, без оглед кој ќе се вклучи или нема да се вклучи во креирањето на промените. Затоа што нашите деца тоа го заслужуваат. Но, јас ги повикувам сите, да дадат свој придонес. Го повикувам и СДСМ и сите други партии да учествуваат во изработка на концепцијата за гимназиското образование. Никаде не брзаме, ништо не е дефинитивно одлучено, имаме една година време за да ја донесеме новата концепција, рече вчера министерката за образование и наука Весна Јаневска, одговарајќи на новинарско прашање.

„Драфт верзијата на Концепцијата е на јавна расправа. Добивме многу забелешки, ако ги исполниме сите барања, гимназијалците ќе имаат предмети за да останат на училиште по 10-11 часа“,  посочи Јаневска.

Според министерката, во дијалог и транспарентно, со разговор со сите што сакаат да придонесат за поквалитетно образование, а не, како што рече, со декрети како порано, ќе биде финализирана и донесена новата концепција за гимназиско образование.

„Прашањето на концепцијата овде го затворам, продолжува јавната расправа. Ние, како МОН, ќе се придвижиме, ќе ги посетиме, ќе ги слушнеме, ќе поразговараме со нив, но не е нешто што е дефинитивно одлучено. Јас тоа постојано го повторувам. Веројатно подучени од претходните власти, каде со декрети им се носеа одлуки, луѓето се исплашени. Но затоа тие сега веќе не се на власт. Сега има нова Влада која сака во дијалог и транспарентно да го сработи тоа што треба да се сработи“, рече министерката, додавајќи дека Министерството за образование и наука (МОН) имало премногу обврски и запоставени нешта кои требале да се надоместат.

Инаку, професори, институти и здруженија изминатиов период на неколку пати реагираа за Нацрт концепцијата за реформи во гимназиско образование. Вниманието главно беше свртено кон судбината на предметите Филозофија, Логика и Етика, откако Бирото за развој на образованието (БРО) и МОН ја отворија и ставија Концепцијата на јавен увид.

Куп реакции за Нацрт концепцијата за гимназиско образование