Во текот на петтата недела од 2025 година, во Македонија се пријавени 3.036 случаи на групни пријави за заболени од грип/заболувања слични на грип, за 61,7 отсто повеќе во споредба со претходната недела, пишува во последниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), пренесува агенцијата Мета.мк.
„Бројот на пријавени лица оваа недела споредено со петтата недела од минатата сезона, е зголемен за 83,7 отсто“, пишува во извештајот.
Како што се наведува, во однос на возрасната дистрибуција, 1.650 лица се на возраст од 15 до 64 години, 720 кај деца на возраст од 5 до 14 години, 412 кај деца на возраст до четири години и 254 се регистрирани кај лица на возраст над 65 години.
Највисока инциденца (426,9/100.000) се регистрира кај децата на возраст до 4 години.
Во текот на оваа недела, пријавени се два смртни случаи асоцирани со грип. Се работи за лица на возраст од 59 до 77 години од Скопје и Свети Николе кои биле хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби и во Клиничката болница во Штип. Кај починатите лица е утврдено присуство на коморбидитети и не биле вакцинирани со вакцина против сезонски грип.