Промоција на романот „Недостиг“ од Симеон Јанков во четврток

Во четврток (13 февруари) во „Буква“ ќе се одржи промоција на романот „Недостиг“ од Симеон Јанков. Промоцијата ќе започне во 19 часот, а промоторка на романот е Фросина Крушкаровска.

„’Недостиг’ е повеќеслоен психолошки роман- мистерија што нуди повеќе перспективи и толкувања за настаните, на кои временски нелинеарното изложување им е можеби најсилната страна. Приказната за недостигот е една од главните теми на кои се гради романот и како што нарацијата се развива, станува сѐ понапната, а со разврската на крајот, кој бездруго нуди повеќе толкувања, читателот осознава дека справувањето со сопствениот недостиг значи справување со сѐ. Во романот се наметнуваат деликатни прашања: што ако веќе го нема минатото на кое сакаш да му се вратиш, што ако не можеш да го промениш она што никогаш не се случило, што ако дури ни во детството веќе никој не те чека, дали твојата неприпадност е нечија туѓа припадност“, се посочува во најавата за промоцијата.

„Појдовна точка во ова искуство ми беше општоприфатеното мислење дека мртвите ни дишаат ни гледаат ни слушаат. Се обидував да си го доловам тоа чувство најдобро што можев, така што откако ќе паднеше ноќта, се затворав во својата соба, го гаснев светлото, легнував на креветот како на импровизиран гроб, ги затворав очите, си ги затнував ушите, си го запирав дишењето колку што можев да издржам, се обидував да не мислам на ништо. Ми беа потребни десетина обиди целосно да се нурнам во тоа чувство, да сфатам како е да си мртов. Еден ден, откако веќе бев малку потпораснал, се сетив дека сепак во тоа време некако сум размислувал, што не би требало да биде најсилна страна на мртвите, по што бев принуден да го променам пристапот, а следниот нагласок го ставив на промените, односно на нивното отсуство. Смртта мора да е отсуство на промени зашто мртвите не се менуваат, произволно но уверено заклучив и веднаш потоа се зафатив да ги скаменувам миговите и ја пронаоѓав насекаде: во белото набабрено небо од кое дождот уште не заврнал, во самракот во кој сонцето се губеше и веќе никогаш не изгреваше, во усните на дедо ми пред да го изговори моето име, во попладневните дремки во кои сѐ замираше. Потоа поминав на предметите што дома најмногу ми паѓаа во очи и се чинеа неподложни на промени – новите кристални чаши за шампањ од витрината што моите уште ги немаа употребено, и токму кога помислив дека сум навлегол во суштината на смртта, веќе дрско пренебрегнувајќи го сознанието дека смртта е отсуство на мислење, една скршена чаша испадната од мојата рака го упропасти сиот толку трпеливо граден впечаток. Чашата помина низ чудовишни промени и, на мое големо запрепастување, се врати од мртвите и некако ми се чинеше буквално жива, а јас воден од нескршливото љубопитство, морав да прибегнам кон други начини да си го доловам она што е недофатно и, колку и да звучи противречно, веднаш ми се најде на дофат: нашиот албум со фотографии“, се истакнува во извадокот од романот.

Симеон Јанков е роден 1981 година во Скопје. Дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во групата „Македонски и јужнословенски книжевности“. Автор е на романите „Црна шума“ (Ми-Ан, 2019) и „Најосаменото место“(Или-Или, 2021).