Студенти и граѓани денеска се собраа на протестен собир во Сараево, барајќи да се подигнат обвиненија против одговорните за поплавите што ја погодија Босна и Херцеговина на почетокот на октомври минатата година, јавува Радио Слободна Европа.
Во поплавите и свлечиштата на 4 октомври загинаа 27 лица, а вкупната штета во Долна Јабланица, Коњиќ, Крешево, Фојница и Кисељак, места кои беа погодени од поплавите, изнесува 270 милиони конвертибилни марки.
Носејќи транспаренти на кои пишуваше „Кој е виновен?“, „Зошто нема апсења?“ и „Животите не се статистика“, граѓаните на едночасовниот протест ги читаа имињата на жртвите од поплавите, барајќи „правда за нив“.
„Поминаа четири месеци, а никој не одговараше. Овој систем убива и потоа се чудиме зошто младите ја напуштаат државата“, рече еден од студентите од неформалната група „Ќе се случи ли промената“, обраќајќи им се на насобраните.
Протестот заврши со тоа што демонстрантите извикуваа „Нема да застанеме“, порачувајќи дека собирот пред Парламентот на БиХ е само почеток.
Студентите на протестот ги прочитаа барањата кои вклучуваат санкционирање на одговорните за работата на каменоломот во Долна Јабланица, кој е под истрага на обвинителството поради сомнеж дека можел да предизвика лизгање на земјиштето.
Градот Јабланица беше најтешко погоден од минатогодишните поплави и свлечишта во кои загинаа 19 лица.
Учесниците на протестот порачаа дека очекуваат процесирање на надлежните кои не постапиле превентивно за да ги спречат смртните случаи, како и преглед на дозволите за работа на сите каменоломи во БиХ.
На протестот се бараше и јавно обелоденување на трошењето пари, како од буџетот на Федерацијата БиХ, така и за донации добиени за сите поплавени подрачја.