Ако некоја појава од инцидент стане пракса тогаш стои на располагање алатката за забрана, изјави денеска министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали се разгледува можноста за забрана на социјалната мрежа ТикТок, по новиот предизвик „Парацетамол“ во кој млади лица внесуваат големи количини на летко.
„Го видовте пристапот со онлајн игрите на среќа, кога ќе забележиме дека тоа претставува проблем за поширокиот круг на граѓани, ние пристапуваме кон законски измени и кон забрана на пристапот на онлајн игрите на среќа што се нелегални. Истиот пристап ќе го имаме и кон овие апликации, доколку забележиме дека тоа од инцидент станува редовна практика, како што стануваат нелегалните онлајн коцкарници, тогаш ќе пристапиме кон забрана. Но, не сакам да излегувам со различна изјава секоја недела и да го менувам ставот, во зависност од тоа каков предизвик се појавил, на која социјална мрежа. Кога ќе видиме дека тоа прераснува во пракса, ни стои на располагање таа алатка за забрана“, рече Андоновски, одговарајќи на новинарско прашање на настан посветен на безбедноста на интернет, особено кај најмладите.
Одговарајќи на друго новинарско прашање поврзано со тоа дали има некаков протокол за штетните влијанија на ТикТок, тој посочи дека пред две недели е доставено упатство до училиштата, во кое се дадени предлози за заштита на најмладите од предизвиците на интернет.
„Веќе доставивме упатство до училиштата, до Министерството за образование и наука и до Педагошката служба кој што јасно објаснува кои ресурси треба и можат да ги користат училиштата во разговор со учениците и кои однесувања треба да го имаат. И втор дел на тоа упатство се предлози на апликации кои што родителите можат да ги искористат за да забранат определени страници или содржини за младите, за нивните деца, на нивните мобилни телефони, мобилни уреди, смарт уреди дома, на телевизорите. Така што, два дела има упатството и тоа е веќе две недели дисеминирано до сите училишта, се надевам дека ќе го користат. Ставивме и некои теми што сметам дека се важни да се обработуваат на одделенски и класен час, така што мислам дека ќе помогне во тој дел“, рече Андоновски.