Студентите кои повеќе од два месеци ги блокираат факултетите, барајќи кривична и политичка одговорност за смртта на 15-те луѓе при уривање на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад, денеска тргнаа пеш од Белград и Ниш кон Крагуевац, за да им се придружат на своите колеги на протестот најавен за националниот празник Сретение Господово кое ќе се одржи на 15 февруари, јавува Радио Слободна Европа.
Колоната студенти тргна од Белград пред Фармацевтскиот факултет, каде беа испратени од вработени и голем број граѓани. Колоната ја обезбедува сообраќајната полиција.
За Крагуевац тргнаа и студенти од Ниш.
На патувањето долго 151 километар понесоа храна, вода, шатори, опрема и српски знамиња.
Вчера група студенти кои ја блокираа работата на нивните високообразовни установи од Нови Сад симболично истрчаа до Белград, како би тргнале пешки за Крагуевац заедно со нивните колеги од Белград.
Студентите од Крагуевац на 9 февруари официјално испратија покана до студентите на Универзитетот во Белград да дојдат на протестот. Пет студенти од Крагуевац тоа го направија трчајќи на штафетен маратон долг 115 километри.
Во текот на викендот, на стотиот ден од уривањето на настрешницата во Нови Сад, студентите организираа блокади на патишта и протести во повеќе градови во Србија, а нив им се придружија голем број граѓани.
Трагедијата во Нови Сад предизвика бран протести низ Србија. Протестите ги предводат студентите кои блокираат повеќе од 60 универзитети во земјата, барајќи пред се утврдување кривична и политичка одговорност на властите. Во блокадата им се придружија и дел од средните училишта.