Македонија се најде на 88-то место од 180 држави, според Индексот за перцепција на корупцијата, кој секоја година го објавува Транспаренси Интернешнл.
На скалата каде 0 е најкорумпирана, а 100 е најмалку корумпирана, Македонија има 40 поени, односно два поени помалку од 2023 година, кога беше рангирана на 76-та позиција.
Од земјите во регионот, полошо рангирани се Босна и Херцеговина на 114-то место и Србија која се наоѓа на 105-то место. Во меѓувреме, Албанија е на 80-то место, Бугарија на 76-то, Косово на 73-то, а Грција на 59-то место. Хрватска е на 63-та позиција, додека Црна Гора на 65-та позиција.
Во светски рамки, според Индексот најдобро рангирани се Данска, Финска и Сингапур, додека најлошо рангирани се Јужен Судан, Сомалија и Венецуела.
Од Транспаренси интерншнл посочуваат дека има уште многу работа што треба да се заврши, иако 32 земји значително го намалиле нивото на корупција од 2012 година.
„148 земји стагнираат или се влошија во истиот период. Глобалниот просек од 43 поени, исто така, стои во место со години, додека над две третини од земјите имаат резултат под 50 поени. Милијарди луѓе живеат во земји каде што корупцијата уништува животи и ги поткопува човековите права“, се посочува во извештајот.
Индексот за перцепција на корупцијата на Транспаренси интернешнл се објавува веќе 30 години со ред.