ЗНМ и ССНМ: Осуда за кампањата за оцрнување на независните медиуми и закани кон новинарите

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) најостро ја осудија, како што велат, тековната кампања за оцрнување насочена кон независните и критички настроени медиуми.

Оваа кампања дополнително засилена на социјалните мрежи, велат дека има за цел да ги дискредитира медиумите и новинарите кои постојано откриваат корупција, злоупотреба на моќта и други прашања од јавен интерес.

„Лажниот наратив дека овие медиуми добиле средства од УСАИД за да ја поткопаат демократијата претставува обид да се делегитимира нивната работа, иако нивното известување доведе до законски реформи, кривични истраги и санкции против одговорните за разни злоупотреби. Овие медиумски кампањи за оцрнување, единствено имаат за цел да го замолчат независното и критичко новинарство и да ја нарушат довербата во медиумите пред граѓаните. Кампањата за оцрнување дополнително ескалира на социјалните мрежи, каде што поттикнува омраза кон новинарите, вклучително и мизогини напади и закани кон новинарки. Ваквата реторика не само што потенцијално ја загрозува безбедноста на поединците, туку создава и клима на страв, со што директно се обесхрабрува слободното и професионално новинарство“, се истакнува во заедничката реакција ЗНМ и ССНМ.

Меѓународните правни стандарди, вклучително и тие утврдени од Советот на Европа и Европскиот суд за човекови права, јасно посочуваат дека нападите врз новинарите претставуваат закана за демократијата и слободата на медиумите, велат тие и потсетуваат  дека со последните измени на Кривичниот законик, новинарите во Македонија го имаат статусот на службени лица при извршувањето на својата професионална должност.

Од ЗНМ и ССНМ ги повикаа надлежните институции да обезбедат заштита на новинарите од вознемирување и закани и ја повикаа јавноста да ги отфрли дезинформациите и да ја поддржи независната медиумска работа, која велат дека е од суштинско значење за демократијата и одговорноста на институциите и политичарите.