По 6 месеци, повторно измени на Законот за урбанистичко планирање по скратена постапка во Собранието. На денешната пленарна седница за измените од 88 присутни, „за“ гласале 71, „против“ 17. Утре ќе помине и на седница на Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање, реагира еколошката организација „02 Иницијатива“.
Според еко-активистите, во прашање е пренамена на земјоделското земјиште во градежно.
„Плодното земјоделско земјиште кое е потребно да се заштити како извор на храна, не е заштитено во државава. Претходната Влада ветуваше заштита на ова земјиште од поставување на фотоволтаици, но не го направи тоа. Оваа Влада донесе измени на Законот за земјоделско земјиште кон крајот на октомври 2024, со кои се предвидува заштита на ова земјиште од пренамена во градежно, но веднаш во ноември ја одложи таа заштита до 1.1.2026, а може и подоцна, како тргнало со менување на роковите во закониве. Со измените еден урбанистички план и урбанистичко-планска документација за градежна парцела за која е добиена согласност за пренамена на земјоделско земјиште во градежно земјиште, а за кои не е обезбедено одобрение за градење и не се започнало со изградба на планираната градба до 4.12.2016, ќе важат доколку се обезбеди одобрение за градење до 18.2.2030! Сегашниот рок беше до 18.2.2025“, забележуваат еко-активистите.
Наместо да се изврши ревизија на согласностите ако се дадени за плодно земјоделско земјиште, велат тие, сега ќе важат овие застарени согласности до февруари 2030. План од 2009 ќе може да добие одобрение за градење во февруари 2030.
„Се брише делот каде се вели дека земјиштето -> опфатено со проектниот опфат на урбанистички проекти за поединечни градби и инфраструктури од државно и локално значење вон населени места и вон опфат на урбанистички планови на земјоделско, шумско и друго земјиште, крајбрежни појаси и други простори за коишто не постојат услови и/или економска оправданост за донесување на урбанистички план, а постои соодветен или некатегоризиран сообраќаен пристап, го задржува статусот на земјоделско, шумско или друго земјиште што го имало и пред одобрувањето на урбанистичкиот проект. Станува градежно земјиште неповратно. Дополнително, законот оди ретроградно, што не би смеело, и вели дека ова земјиште од урбанистичките проекти одобрени до денот на влегувањето во сила на измените на законот, се смета за градежно земјиште“, стои во реакцијата.