Со најмалку 124 убиени новинари и медиумски работници, 2024 година беше најсмртоносната година за новинарите откако Комитетот за заштита на новинарите (CPJ) почна да собира такви податоци пред повеќе од три децении, јавува Радио Слободна Европа.
Удвојувањето на бројот на конфликти на глобално ниво, без разлика дали се политички, криминални или воени, имаше влијание врз страдањата на новинарите, но војната во Појасот Газа најмногу придонесе за рекордот, со незабележан број на убиени новинари и медиумски работници, соопшти Комитетот со седиште во САД посветена на одбраната на медиумските слободи и правата.
Речиси две третини од вкупниот број загинати медиумски работници ширум светот се Палестинци. Минатата година настрадале 85 луѓе, додека во 2023 година 73 луѓе.
„Сега е најопасното време да се биде новинар во историјата на CPJ. Војната во Газа е без преседан по нејзиното влијание врз новинарите и покажува значително влошување на глобалните норми за заштита на новинарите во конфликтните зони, но тоа е далеку од единственото место каде што новинарите се изложени на ризик. Нашите бројки покажуваат дека новинарите се на удар ширум светот“, рече извршната директорка на Комитетот Џоди Гинсберг.
Комитетот соопшти дека открил оти најмалку 24 новинари ширум светот биле намерно убиени поради нивната работа минатата година. Тие наведуваат дека во Појасот Газа и Либан документирале 10 случаи во кои новинари биле убиени од страна на израелската армија, што е прекршување на меѓународните закони кои ги дефинираат новинарите како цивили за време на конфликти.
Останатите 14 убиства на новинари во 2024 година се случија на Хаити, Мексико, Пакистан, Мјанмар, Мозамбик, Индија, Ирак и Судан.
Фаталните смртни случаи во 2024 година укажуваат на зголемените опасности со кои се соочуваат новинарите и медиумските работници, како и на закана за протокот на информации низ светот, рекоа од Комитетот.
Вкупниот број од 124 загинати го надминува рекордот од 113 од 2007 година, кога речиси половина беа убиени за време на војната во Ирак.
Надвор од Појасот Газа (82) и Либан (3), Комитетот документираше дека загинале 39 новинари и медиумски работници во 16 земји во 2024 година, најмногу во Судан – 6, Пакистан – 6, Мексико – 5, Сирија – 4, Мјанмар – 3, Ирак – 3 и Хаити – 2.