Во пресрет на новото мартовско линеарно зголемување на пензиите за 2.500 денари, мисијата на ММФ во Македонија. Состојба со финансиите на ПИОМ, планот за одржливи приходи, реформите. Ова се дел од темите кои ќе бидат на маса а според потврдени информации се очекува и извештај на монетарците со оценка за пензискиот систем, пишува Порталб.мк. Новите проекции на ПИОМ покажуваат дека во 2027-та сумата за исплата на пензии ќе надмине 2 милијарди евра.
Во март нов раст на пензиите – ММФ ќе испорача старо-нови препораки
“Јавните финансии се соочуваат со долгорочните предизвици поради стареењето на населението. Без реформи и со намалувањето на работоспособното население, до 2030 година се проектира дека пензискиот дефицит ќе се зголеми двојно повеќе“
Ова се нотира во еден од извештаите на ММФ од каде со години алармираат дека ќе бидат потребни длабоки реформи за да се обезбеди одржливост на пензискиот систем. На оваа тема мисијата на ММФ разговараше со нашите власти и минатата година. Овој месец монетарците ќе “испорачаат“ нов Извештај – со нови оценки и препораки. Засега познат е ставот на ММФ за сценариото според кое треба да се зголеми старосната граница за пензионирање како и спроведување реформи за зголемување на учеството на работната сила, со оглед на тоа што демографијата не е на “страна“ на пензискиот систем, односно се повеќе стануваме земја на возрасно население.
Средбата со ММФ ја потврдува и раководството на ПИОМ но од таму децидно велат дека не се размислува ниту за зголемување на старосната граница за пензионирање, ниту пак за зголемување на стапката за пензиско осигурување.
“Претставниците на ММФ генерално се интересираат за состојбата на пензискиот систем и за стабилноста на исплатата на пензиите. Главно прашање на претходната средба им беше одржливоста на зголемувањето на пензиите за 2 500 денари во септември и сега 2 500 денари во март. Едно од прашањата беше и зголемување на старосната граница за пензионирање, што е одбиено од наша страна а тоа го потврдија и од Владата“ – велат од ПИОМ.
Освен ММФ и Светска банка препорача реформи во пензискиот систем – зголемување на старосната граница за пензионирање, враќање на моделот за раст на пензиите според цени на мало , постепено зголемување и изедначување на возраста на пензионирање на мажите и жените и постепено зголемување на стапката на придонесот.
За исплата на пензии ќе требаат се повеќе пари – стабилизација во 2035
Во меѓувреме пензионерите го чекаат новото линеарно зголемување на пензиите за 2 500 денари што треба да се случи во март, со што ќе се оствари ветувањето на власта за раст на пензиите за 5 000 денари. Линеарното зголемување на пензиите ја зголеми трошковната страна на ПИОМ поради што се зголеми и трансферот на средства од централниот Буџет на сметка на фондот. Според податоците од Буџетот за годинава, вкупните расходи на ПИОМ се зголемија на 2,27 милијарди евра а само сумата за исплата на пензии во однос на лани е зголемена за 16,6% по два основи – раст на пензиите и зголемен број на пензионери.
Според новиот Стратешки план 2025-2029 на ПИОМ, годинава за исплата на пензии ќе се потрошат скоро 1,8 милијарди евра и оваа сума ќе биде во пораст и во следните години, па така во 2026 та износот се зголемува на 1.9 милијарди евра а во 2027 та наминува 2 милијарди евра.
Исплата на пензии
2025 та 1 778 500 000 евра
2026 та 1 926 100 000 евра
2027 та 2 025 000 000 евра
Извор : Стратешки план 2025-2029
Сумата за пензии ќе расте , ќе се зголемува и бројот на пензионери. Годинава според Проценките пензија ќе се исплаќа на 343 992 пензионери и оваа бројка за две години ќе се зголеми за 5 900 нови корисници на пензија.
Број на пензионери
2025 та 343 992
2026 та 347 088
2027 та 349 865
Извор : Стратешки план 2025-2029
Во моментов освен од државниот пензиски столб, има околу 180 корисници на пензија и од приватните фондови. Според анализите врз основа на возрасната структура на осигурениците, во 2035 та се очекува исплата на пензии на позначителен број на нови корисници и од приватните фондови што ќе претставува еден од првите поголеми чекори за финансиско растоварување на државниот фонд, вовед во намалување на дефицитот во ПИОМ.
Според сумираните податоци за 2024 та, на крајот од минатата година во државата имало 345 796 пензионери од нив 34,1% земаат пензија од 15 693 до 19 409 денари а само 7,97% имаат пензија повисока од 39 115 денари.