НМСМ ќе реализира сесии за кариерно советување во секое средно училиште во Македонија

Националниот младински сојуз на Македонија (НМСМ) започна со имплементација на сесии за кариерно советување во секое средно училиште во земјава.

Од НМСМ соопштија дека со финансиска поддршка од Британската амбасада во Скопје и одобрение од Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образование до крајот на оваа учебна година преку сесии за кариерно советување ќе ги опфатат сите 108 средни училишта, директно информирајќи и едуцирајќи околу 10.000 средношколци за планирање и развој на кариера.

„Динамиката на денешниот професионален живот и пазарот на труд е во рапиден раст. Се случува она што денес е барано и атрактивно, веќе утре да биде заменето со нешто ново. Затоа кариерното советување е потребено особено за младите. Тоа не значи само определување на можна професија, туку треба да ни помогне да се истражиме себеси на посуштинско ниво: нашите вредности, ставови, амбиции, карактерни особености, предиспозици, а потоа да ни даде и доволно информации за полето на интерес, пазарот на труд, можностите кои постојат како и развој на вештини за креирање на план за личен и професионален развој и негова успешна реализација“, вели Филип Ивковски, претседател на НМСМ.

Препознавајќи ја ваквата потреба на младите, од НМСМ велат дека веќе 3-та година ја реализираат програма за кариерно советување на млади.

Оваа година, како што додаваат, со поддршката на образовните институции идејата е да се креира системско решение и да се најде соодветен модел за инкорпорирање на ваквиот сервис во рамки на образовниот и во младинските центри.

„Ќе се одржат најмалку три сесии во секоја гимназија и средно стручно училиште, на македонски и албански јазик а ќе се опфатат ученици од сите години. На интерактивен начин, преку двочасовна работилница ќе се зборува за актуелните дилеми и прашања на средношколците, за тоа што е тоа кариера, кариерен пат, како се планира, што е потребно да се знае пред да се донесе кариерна одлука и кои ресурси се достапни на располагање при кариерното планирање, но и ќе се охрабрат младите дека може да изберат каква сакаат кариера, а дека при процесот на избор не треба да им влијаат родовите и другите стереотипи карактеристични за нивното опкружување“, посочија од НМСМ.

Работилниците ќе ги спроведуваат професионалци од областа на социјална работа, психологија и специјална едукација и рехабилитација кои поминаа обука од сертифицирани обучувачи на советници за развој на кариера, додаваат од НМСМ.

Според сертифицираната кариерна советничка и обучувачка на советници за развој на кариера Ивана Дојчиновска Стојановиќ структурираното планирање кариера може во голема мерка да му помогне на секој ученик да се осознае себеси и околината и да направи информирани избори за сопствената иднина.

„За жал, образовниот систем се уште не нуди доволно системска кариерна поддршка, што очекуваме да се смени со воведувањето стандарди за кариерно советување во училиштата и вработување на обучени кариерни советници во секое училиште. Има најави дека ова ќе се случи со очекуваните законски измени, но патот до воспоставување функционален систем е долг и бара постојано и координирано вложување на сите институции. Има една работа полоша од немањето кариерна поддршка, а тоа е давањето нестручна помош, која во многу случаи може да направи голема штета кај сензитивна целна група како што се младите. Ние во Асоцијацијата на советници за развој на кариера (АСК), која е професионално здружение на сертифицирани кариерни советници и понатаму ќе се залгаме и пружаме поддршка на сите институции и организации за воспоставување на стандардизиран систем за кариерно советување, достапен за секој граѓанин“, вели Дојчиновска Стојановиќ.

Од НМСМ истакнаа дека досега, односно во февруари се имплементираа сесии за кариерно советување во 16 училишта од Велес, Берово, Кичево, Куманово, Богданци, Гевгелија, Струмица, Прилеп и Тетово, а се опфатиле околу 500 средношколци.

„Интересот е навистина голем па за оние млади кои што нема да може да се опфатат преку дирекните сесии ќе се изработи дигитален кариерен планер, кој ќе служи како ресурс за сите идни генерации. Преку овој дигитален планер ќе се опфатат дополнителни 10 000 средношколци на кои ќе им се понудат ресурси и знаења за кариерно планирање и кариерен развој. Националниот младински совет на Македонија веќе 10 години работи на креирање политики и програми кои имаат за цел да ја унапредат позицијата на младите во општеството, да ја подобрат нивната благосостојба и да креираат можности за млади преку практикантски програми, обуки за кариерно советување, грантови за самовработување, тренинзи за вештини потребни за вработување, имплементација на Гаранција за млади, креирање на стратегии и други стратешки документи и активности“, додадоа оттаму.