[Интервју] Калина Качоровска од „Култура Бета“: Не дозволуваме да тлееме во носталгија или да станеме циници, затоа што тие појави резултираат со пасивност и неутралност

На 16 февруари 2020, тројца другари седнаа на пијачка во „Олд скул“, каде го смислија првиот текст за мисијата за новото младинско здружение за креативно и културно изразување „Култура Бета“ (Култура ß). Пет години подоцна, другарите се намножија, а „Култура Бета“ меѓувремено оформи младинска заедница што функционира онлајн и офлајн. Другарите го подаваат микрофонот од еден до друг млад човек, и фигуративно и практично, за да може да се слушне стих, песна, став, критика. Се’ што треба да излезе од еден ангажиран млад човек.

„Култура Бета“ често отвора културно-социјални теми, фрла светлина врз младински проблесоци и свежи уметнички имиња, а притоа организира и собири од областа на културата. Токму еден таков настан ќе се одржи и утре (15 февруари), кога „Култура Бета“ ќе го прослави петтиот роденден со „Сеопшт џем“, посветен од заедницата за заедницата, во кој секој ќе може да учествува како поет, како музичар, како колажер.

Токму по повод роденденот Радио МОФ направи интервју со Калина Кочоровска од „Култура Бета“. Таа објаснува за активностите на здружението, нивниот раст, желбите… но и што значи да се ослободува младинската култура.

Пред некоја недела, ваш член потсети дека „Култура Бета“ стартуваше како идеја за аматерски театар, кој поради пандемијата се пресели онлајн, за потоа здружението да почне да собира поезија, проза, фотографии, ликовна уметност, колумни и да го претставува младинското творештво. Ретроспективно, што ти доаѓа прво на памет како дострели на „Култура Бета“?

Прво што ми доаѓа на памет како дострел е самиот факт дека славиме цели пет години. За едно здружение како „Култура Бета“ да опстои во овој локален контекст е далеку од лесно, а да се опстои половина деценија е веќе успех кој вреди да се слави. Започнавме баш, како што велите и самите, аматерски. Најголемиот дел од нас беа средношколци, па во тоа време лесно би било некој да си помисли дека нашите амбиции се моментални и краткотрајни, младешки желби кои брзо ќе ги заборавиме штом сфатиме што навистина сакаме да правиме во животот. Но, тие амбиции сепак испаднаа малку посериозни. Сме поминале низ многу промени, како што наведувате и вие, од идеја за аматерски театар преминавме на профил на Инстаграм, па на вебсајт, започнавме аудио и видео рубрики, се формализиравме како здружение… но, сепак, идејата и желбата се оние истите со кои започнавме, кратко и едноставно – афирмација на младинската култура. И ете, сакаме да веруваме дека веќе пет години токму тоа и го правиме – ја афирмираме младинската култура.

„Поетска епизода 9“, фото: „Култура Бета“

Со самото растење на „Култура Бета“ расте и бројот на членови. Веројатно тоа е и поентата, a и мисијата – да се проширува она што го правите?

Моментално „Култура Бета“ брои 9 членови: Андреј Медиќ Лазаревски, Марија Хана Трајкоска, Леонид Георгиевски, Калина Качоровска, Марија Велинова, Стефан Спасовски, Наде Циева, Амелиа Георгиевска и Дамјан Златановски, покрај нас во тимот низ овие пет години биле и Ана Илиева, Васил Ханџиски, Леонид Велковски, Иван Николов, Софија Тодороска, Ева Стојчевска, Георгина Петреска и Андреј Сивески, а повремено како автори на различни содржини имаат гостувано уште 30-тина луѓе, а уште над 500 луѓе на некаков начин поминале низ содржините на нашите платформи. За нас, „Култура Бета“ не се само моменталните 9 членови, туку сите овие над 500 луѓе со кои некогаш сме соработувале или за кои сме пишувале, „Култура Бета“ е целата алтернативна и независна сцена во државата. Поентата е да се создаде голема заедница која искрено се поддржува и си помага, тоа е она растење и проширување за кое ние се залагаме.

Една од работите што постојано ја споменувате е потребата од повеќе младински простори. Може ли да зборуваме за заедничарење и творење, а да не зборуваме за такви простори? И, воедно, тие простори на младите треба да им ги обезбеди државата, или да пробаат сами да ги создаваат и ги развиваат? 

Кога велиме простор, тој не секогаш мора да биде физичка локација. Ние просторот го разбираме како давање на шанса и давање на глас. Во овој контекст, секако дека овие простори треба да бидат овозможени од државата, повеќе од јасно е дека за една земја да биде успешна и, ќе си дозволам да речам, нормална, сите сектори кои ја сочинуваат треба да бидат поддржани и тоа ја вклучува и младинската култура. Но, сепак, кога гледаме дека тоа оди тешко, не ни останува ништо друго освен да ги земеме работите во свои раце. Она што е карактеристично за оваа нова генерација културни творци и работници е дека сами си ги создаваме просторите кои ни требаат. Ние ја твориме културата која сакаме да ја впиваме, уметноста во која сакаме да уживаме, албумите кои сакаме да ги слушаме, филмовите кои сакаме да ги гледаме. Ние ги градиме градот и државата во кои сакаме да живееме.

 Кога зборуваме за простори, веројатно постоењето на „Култура Бета“ е поврзано и со постоењето на „Буква“, како своевидна културолошка симбиоза, па затоа и е одбрано оваа кафе-книжарница за одбележување на „петката“? Што ве врзува за ова место?

 „Буква“ е едно од оние места во градот кои ѝ овозможуваат на младинската, независна култура да постои во физичкиот простор. Во оваа кафе-книжарница сме ги правеле сите родендени досега, еден куп настани и состаноци. Многу од идеите за „Култура Бета“ се родиле токму таму. Одбележувањето на овој мал јубилеј во „Буква“ е повеќе од природно. Ова место е во култоролошка симбиоза не само со нас како здружение, туку со целата алтернативна сцена како таква, затоа што сите се залагаме за истите вредности – природно, искрено и здружено создавање на култура. Токму затоа „Буква“ на некој начин стана нов културен центар во градот, каде се одржуваат настани речиси секој ден од неделата. Тука мораме да споменеме и уште една кафе-книжарница, „Илика“, со која имаме заедничка видео-рубрука наречена „Откопчај го копчето“, а покрај тоа таму исто така имаме организирано дел од нашите настани. Кога ми текнува дека во градов има места како овие две, некако имам надеж дека на крајот на краиштата, сѐ ќе биде во ред.

За повикот на роденденот стои „Ова не е повик за последен танц, ова е повик за ослободување!“, со хаштагот #ослободијамладинскатакултура. Како треба да го сфатиме овој повик за ослободување? Можеби тоа е постојаната потреба да се пишува, пее, музицира, истражува, бара, зборува, критикува…?

Еден човек е слободен само кога си дозволува да твори. Потребата да се пишува, пее, музицира, истражува, бара, зборува и критикува е човечка потреба исто како што е водата, храната, сексот. Па така, ослободувањето можеме да го сфатиме и како постоење, како живеење. Сакаме да ја ослободиме младинската култура, а со тоа на истата да ѝ дозволиме безусловно да постои и да живее. А, секој повик за доаѓање на наш настан е повик за танц, но тој танц никогаш не е и не смее да биде последен!

„Култура Бета“ често знае да „боцка“… како на пример разни ставови за еколошки и сообраќајни прашања, потоа против големите давачки на УКИМ, третманот на општествено-хуманистичките предмети во Концепцијата на МОН, па се’ до нормализирањето на турбо-фолкот. Треба ли културата и уметноста да оди рака под рака со активизмот, како одговорност, или е тоа избор? 

Како една од колумнистките во „Култура Бета“, ми го погодивте прашањето. Културата и уметноста не одат рака под рака со активизмот, туку тие се активизам. Самото постоење на платформи и здруженија како нашето е активистички чин, пркос и инает. Културата и уметноста, особено во независна, младинска или алтернативна форма, се секогаш политички (и се разбира, под политика во ниеден случај не мислам на партии), затоа што се крик и глас на народот кој ретко добива шанса да биде чуен. Ќе продолжиме да даваме ставови, исто како што ќе продолжиме да објавуваме поезија, проза, музика, филмови, ликовна уметност…

Како се справувате со онаа носталгична стапица од типот „Порано беше боље, младите сега се тапа“? Еден уметник велеше дека тоа е само килава доктрина која ако се повтори сто пати ќе звучи дека е вистина. Тешко ли е да се делува културолошки, кога на патот се појавува таква носталгија измешана со цинизам?

Мислам дека нашите „тапа“ млади одамна се потсмеваат на оваа носталгија, на овој цинизам. Кога си сигурен во она што го правиш, таквите изреки веќе не само што не те навредуваат, туку и те инспирираат. На пример, токму оваа реченица е инспирација за еден од нашите мултимедијални настани под наслов „Клинци“. Не дозволуваме да тлееме во носталгија, исто како што не дозволуваме да станеме циници, затоа што тие две појави секогаш резултираат во пасивност и неутралност. Ние решаваме да го преземеме наративот и да се посветиме на спротивното – акција, дејствување, творење.

„РЕ-Култура“, фото: Теофил Тасевски

Каде се медиумите во целава оваа приказна? Следат ли тие што се случува и колку помагаат, а колку одмагаат за развој на младинската култура?

Грубо кажано, ситуацијата изгледа отприлика вака: независните медиуми ја поддржуваат независната култура, мејнстрим медиумите ја поддржуваат мејнстрим културата. Имаме поддршка од оние медиуми кои се занимаваат со култура, но оние големи медиуми (секако, со одредени исклучоци), генерално не ја покриваат младинската култура, барем не на начин кој ние сметаме дека е достоен. Важно е да се посвети посериозно медиумско внимание на културата, затоа што инаку лесно е таа да остане затворена, да остане позната само за одреден круг на луѓе кој не брои повеќе од 300-500 луѓе.

На крајот, пак да се вратиме на почетокот. На вашата мисијата за младите. Да направиме кругче со еден финален клише, ама важен муабет. Како и каде ќе продолжи „Култура Бета“, или тоа ќе го биде дефинирано од времето, волјата, идните планови…? 

Нашата најголема желба е работата на „Култура Бета“ да стане опиплива, да се преслика и во физичка форма. Ова подразбира неколку нешта – прво и најважно, сакаме да се посветиме на издавање на печатени изданија од нашата работа, нешто за што размислуваме уште многу одамна; второ, сакаме да продолжиме со организирање на настани и истите да ги има многу почесто; трето, доколку работите одат како што треба, би сакале во следните пет години да успееме да отвориме и свој сопствен, физички простор, локација за „Култура Бета“. Наша најголема амбиција е нашата работа, односно таа мисија за младите за која толку многу зборуваме и пишуваме, да добие конкретен, материјален облик.

Бојан Шашевски