„Мечиња за дечиња“ е насловот на уметничката акција која вчера беше изведена во трговскиот центар Бисер во населбата Аеродром. Акцијата на уметницата Маја Танева беше посветена на борбата за заштита на личните податоци и заштитата на постарите генерации од лажни вести.
Од Центарот за современи уметности посочија дека инсталацијата се состоеше од два чадори за плажа и еден централно поставен постамент на кој се наоѓаат информации поврзани со заштитата на децата на интернет. Композицијата е наместена разиграно, повисоко-пониско. Чадорите беа обложени со светкави завеси, наменети за забави, во најразлични светли и весели бои. На секој од рабовите на чадорите висат рециклирани мечиња, завиткани во целофан со декоративна машна, надополнети со бонбони завиткани во проѕирен целофан, посочија од Центарот.
„Во замислен радиус од 3 (три) метри, каде што е поставена инсталацијата со забавните чадори, се наоѓа просторот кој има за цел да привлече и поттикне публиката да се доближи. Со секое приближување кон овој простор се започнува разговор со старателите или младите и возрасните, при што им се претставува ‘договорот’. Потоа, од нив се бара потпис за согласност за интеракција со инсталацијата и темата. Самата идеја за претставување на ‘договорот’ има за цел да ги наведе посетителите на размислување – на што, всушност, се согласуваат кога самите објавуваат фотографии од своите деца на интернет и кои сѐ опасности се кријат зад таквите објави. Преку чинот на претставување и давање на ‘договорот’, авторката всушност ги предупредува родителите за сите опасности кои произлегуваат од нивните објави“, велат од Центарот.
„Со барањето за потпишување на договорот, посетителите добиваат можност да се доближат, да се фотографираат или да добијат на подарок некое од мечињата, со што се поттикнува дискусија за заштита на личните податоци, кои се опасностите од постојаното објавување информации и фотографии од најмалите на интернет, споделувањето на нивниот идентитет и лик и сите опасности кои произлегуваат од најновите алатки на вештачката интелигенција. Особено ранлива група се малите деца кои се доверени на чување на своите баби и дедовци, кои, неретко, несвесно ги кршат правата на децата со јавно објавување нивни фотографии на социјалните мрежи во различни контексти“, додаваат тие.
Фокус група на едукативната инсталација беа младите на возраст од 14 до 22 години и возрасните над 60 години.
„Секојдневно сѐ повеќе наши граѓани се жртви на злоупотреба на нивните лични податоци. Во полесните случаи, ефектите последиците од злоупотребата, односно кражбата на личните податоци, се сведуваат на пренатрупаност со мејл, вибер, СМС и слични пораки на електронските уреди, но во посериозните случаи, граѓаните, за жал, остануваат со празни банкарски сметки, исплаќаат разни претплати за кои никогаш не се согласиле, а во екстремни случаи, поради злоупотреба на нивните податоци, враќаат брзи кредити кои што не ги земале. Исто така, неретки се и случаите кога се злоупотребуваат податоци и фотографии од деца, кои нивните родители, а многу често баби и дедовци, ги објавиле на социјалните мрежи“, алармираа од Центарот за современи уметности.