Утре (недела) во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид ќе се одржи премиера на локациски специфичната претстава „Напуштени простори, напуштени тела, напуштени сеќавања“.
Влезот за претставата која ќе започне во 20 часот е бесплатен, но сите заинтересирани треба да резервираат место на мејлот abandonedplaces.mk@gmail.com или преку порака на 070250500.
„’Напуштени места’ се однесува на неискористените потенцијали на просторите и културното наследство – места полни со сеќавања, метаморфоза, нови перцепции, регенерација, мистерија, бунт, угнетување. Оваа локациски специфична театарска претстава ве води низ просториите на Културниот центар НУЦК ‘Григор Прличев’ во Охрид, истражувајќи епизоди и моменти од лични приказни, ранливи состојби и спомени. Можеби нешто слично ти се случило и тебе? Изведбата ве носи назад во минатото и напред во една алтернативна иднина, во која ликовите сонуваат да бидат. Целиот простор е креиран според внатрешниот свет на протагонистката и текот на мисли кои испливуваат на површина, откривајќи одамна заборавени лични ритуали, угнетувања и ветувања. Колку повеќе ликот станува свесен, толку посилна е нејзината потреба да се ослободи од структурите создадени за неа, кои таа самата не ги создала. Таа почнува да го препознава кодот на однесување што се пренесува од мајка на ќерка со векови“, се посочува меѓудругото во најавата за претставата.
„Напуштени простори, напуштени тела, напуштени сеќавања“ е третата етапа од трилогијата на проектот „СИОТ СВЕТ Е СЦЕНА-имерзивен и партиципативен театар како алатка за адресирање на општествени прашања и предизвици” на Здружението на уметници Културен центар Медиа Артес.