Студентите во блокада започнаа со 15-часовна блокада во Крагуевац

Во 9 часот утрово започна 15-часовната блокада во Крагуевац, на повик на студентите кои веќе два месеци протестираат и ја блокираат работата на факултетите, барајќи одговорност за 15 луѓе кои загинаа при уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад, јавува Радио Слободна Европа. Собирот во Крагуевац е еден од серијата протести ширум Србија, предводени од студентите кои блокираат повеќе од 60 факултети во четири универзитетски градови.

На целодневната блокада во Крагуевац ќе бидат организирани бројни настани од изложби, спортски активности до собирање донации. Во 19:50 часот е најавено дека ќе биде прочитано студентско писмо, а од 20:30 часот е најавена главната програма. Од 23:52 часот, граѓаните ќе оддадат почит за жртвите во траење од 15 минути.

Граѓаните на Крагуевац вчеравечер ги пречекаа студентите кои пешачеа и со велосипеди тргнаа до Крагуевац од повеќе градови во Србија за да им се придружат на своите колеги во блокадата.

Студентите бараат кривична и политичка одговорност за смртта на 15-те луѓе при уривање на настрешница на 1 ноември, неколку месеци откако станицата беше официјално отворена по тригодишната реконструкција. Тие бараат да се процесираат и одговорните за нападите врз нив и врз другите граѓани за време на протестите и акциите во чест на жртвите. Барањата на студентите во блокада ги поддржаа нивните професори, просветни работници, адвокати, земјоделци, актери и други граѓани.

Владата на чело со српскиот претседател Александар Вучиќ тврди дека барањата на студентите се исполнети. Студентите во блокада порачаа дека Вучиќ не е одговорен за исполнување на нивните барања, дека тие не се исполнети и дека продолжуваат со протестите.

На 30 декември, Вишото јавно обвинителство во Нови Сад подигна обвинение против 13 лица, под сомнение за пропусти при реконструкцијата на настрешницата. На 3 февруари Вишото јавно обвинителство во Нови Сад објави дека врши проверки дали имало корупција при реконструкцијата на Железничката станица.