[Видео] Стотици граѓани на протестен марш во Скопје побараа правда за Фросина и сите жртви на сообраќајни несреќи

Стотици граѓани попладнево маршираа низ улиците на Скопје на третиот протестен марш на кој се побара правда за младата Фросина која смртно беше прегазена на крајот на јануари, но и за сите жртви на сообраќајни несреќи.

Протестот започна кај Универзалната сала, од каде граѓаните се упатија кон Владата, но и кон Собранието каде имаше триминутен молк и ѕвездено небо. Граѓаните на маршот скандираа „Сакаме правда“, „Безбедни улици“, „Правда за жртвите“, „Системски промени“ „Правда за Фросина“, „Секој еден може да е следен“…

Крајната точка на протестниот марш во организација на граѓанската иницијатива „Кој е следен?“ која произлезе од првиот протест за правда за Фросина беше пред Апелациониот суд во Скопје.

Таму, пред насобраните граѓани се обрати сестрата на Фросина, Росица Кулакова која рече дека ова не е политички, туку системски проблем, кој опстојува веќе 30-тина години наназд.

„Ова не е политички проблем, ова е системски проблем кој опстојува веќе 30-тина години наназад. Повикувам никој да не ја злоупотреби нашата семејна трагедија. Трагедијата на семејството на Теодора, на Викторија. Никој да не се обиде да направи такво нешто. Наместо да продолжиме да го делиме народот политички, сега е време сите да се обединиме и да делуваме заедно. Само така, можеме да го собориме криминалниот и корумпиран систем што нас не’ покосува. Овде сме да бараме правда за сите обесправени семејства. За Оливер, за Викторија, за Фросина Кулакова, за Фросина Цековска, тие веќе немаат глас, но ние сме нивниот глас. Правда мора да има, за да нема следен“, рече Кулакова.

Пред Апелациониот суд во Скопје се обрати и младата Илина Банова која истакна дека денеска се присутни тука, затоа што, како што рече, одбиваат да молчат и одбиваат да прифатат систем каде криминалците одат на слобода, додека семејствата ги оплакуваат нивните најблиски.

„Денеска стоиме овде не од гнев, туку од љубов, од љубов кон нашата земја, од љубов кон нашите заедници и од љубов кон сите луѓе што заслужуваат подобро. Бидејќи правдата не е чин на одмазда, таа е основа на фер општество, и токму сега, таа основа се распаѓа. Уште колку време, уште колку животи, уште колкупати треба да слушнеме ‘епа вака стојат работите’, епа вака не треба да стојат работите. Законите постојат, но само за некои, судовите постојат, но правдата ни е на продажба. Казните постојат, но само за оние кои се без моќ и секогаш кога ќе ја прифатиме оваа неправда, секогаш кога ќе кажеме ‘епа тоа е, што е’, им даваме токму тоа што тие го сакаат, нашата тишина. Но денеска велиме не повеќе. И додека сме ние овде, барајќи правда, некои премногу удобно седат, терајќи ја нашата борба како само уште една тема за дебата. Правдата не е дебата. Правдата е право. Но, додека некои избираат да се кријат, еве не’, ги покажуваме нашите лица, не сме анонимни, ние не се плашиме, бидејќи ние не бараме и не се бориме за моќ и влијание. Ние се бориме за она што е правилно. И нема да застанеме со борбата, додека не се исполнат нашите барања“, рече Банова.

„Бараме правен систем кој штити, а не кој оправдува. Бараме одговорност од оние кои го прекршуваат законот и од оние кои не го спроведуваат законот. Бараме судство кое ќе му служи на народот и на граѓаните, а не на оние кои манипулираат со него. Одложената правда е негирана правда, а ние сме тука да се погрижиме повеќе истата да не се негира. Ние овој протест не го правиме само за Фросина, туку за сите следни фросини кои можат да ни се случат, не дај боже. Ова е протест против неправдата во сите институции на нашата држава и ова е протест на народот“, додаде Банова.

Во меѓувреме, Анастасија Павловска дополнително се осврна на системските проблеми

„Уште колку животи треба да бидат изгубени на овој коруптивен систем, за колективно да кажеме доста. Доста е од полиција што ги штити богатите и моќните. Доста е од лекари што ни бараат мито за да не’ лечат. Доста е од судство што селективно ги разгледува доказите, доста е од образование кое ја убива критичка мисла кај народот, се со цел за да не’ контролираат. Кој друг би прифатил да живее под ваков систем, систем кој што ние сите го плаќаме од сопствениот џеб за да не’ уништува. Систем кој што од моментот на нашето раѓање работи на наше поробување, умствено, духовно, културно, физичко“, рече Павловска.

На младиот човек, не само што му е тешко да напредува тука, туку, како што рече Павловска, и да опстане, додавајќи дека системот не го градат само институциите, туку сите ние.

„Запрашајте се сите, колку пати вие сте поминале на црвено, колку пати вие сте застанале на пешачка лента. Секој од нас мора да биде свесен за сопствените постапки, за потоа да бараме одговорност од институциите кои што ги плаќаме. Она што го бараме од овие институции не е научна фантастика, тоа им стои во работниот опис и попис. Потребни се длабоки и суштински промени на овој корумпиран систем. Ако не се избориме за тоа, зарем ќе имаме право да кажеме зошто младите си отишле? Нема да имаме право. Затоа, на овие тука, на тие кои што ги поминавме (н.з. институции), јасно и гласно им кажуваме, нема да се откажеме додека не видиме вистински системски промени“, рече Павловска.

Организаторите најавија дека на нивните профили на социјалните мрежи „Кој е следен?“ ќе известат за следните чекори и она што го планираат, истовремено повикувајќи ги сите заинтересираните да им се приклучат на нивната граѓанска иницијатива.

Ова беше трет протестен марш во Скопје по прегазувањето на 22-годишната Фросина.

Мартин Колоски.