Јужна Кореја забрани да се презема кинеската апликација „DeepSeek“

Јужна Кореја забрани нови преземања на кинескиот четбот со вештачка интелигенција (ВИ) „DeepSeek“, според тамошното надзорно тело за заштита на личните податоци, пренесува Индекс.

Владината агенција соопшти дека моделот на вештачка интелигенција ќе стане повторно достапен за јужнокорејските корисници откако ќе се воведат „подобрувања и правни лекови“ за да се осигура дека е во согласност со законите за заштита на личните податоци во земјата.

„DeepSeek“ стана исклучително популарен во Јужна Кореја, искачувајќи се на врвот на продавниците за апликации со над милион корисници неделно.

Но, растот на популарноста на апликацијата го привлече вниманието и на земјите ширум светот кои воведоа ограничувања на апликацијата поради загриженоста за приватноста и прашањата за националната безбедност.

Комисијата за заштита на личните информации на Јужна Кореја соопшти дека апликацијата „DeepSeek“ стана недостапна на „Епстор“ и „Плејстор“ во саботата навечер. Ова се случи откако неколку јужнокорејски владини агенции им забранија на своите вработени да го преземаат чет-ботот на нивните работни уреди.

И покрај суспензијата за нови преземања, луѓето кои веќе ја имаат апликацијата на своите телефони ќе можат да продолжат да ја користат или едноставно да пристапат до неа преку веб-страницата на чет-ботот.