Македонските граѓани продолжуваат да ја поддржуваат интеграцијата во Европската Унија, но само 20% од испитаниците сметаат дека државата треба ги направи уставните измени за продолжување со процесот, соопштија од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ (ИДСЦС) кои денеска објавија две истражувања на јавното мислење поврзано со македонскиот процес на пристапување кон Европската Унија и ЕУ интеграцијата во 2024 година.
Според резултатите од последните анкети спроведени од ИДСЦС во соработка со Фондацијата „Конрад Аденауер“, 62% од населението продолжува да ги поддржува аспирациите за членство во ЕУ, што е мало зголемување во однос на минатата година. Сепак, како што велат од ИДСЦС, постојат значителни разлики во ставовите помеѓу етничките заедници, односно 82% од Албанците ги поддржуваат аспирациите за членство во ЕУ, а кај Македонците овој процент е 56%.
„Оваа година, резултатите покажаа дека, иако билатералните прашања остануваат отворени, граѓаните продолжуваат да гледаат на преговарачкиот процес како усогласување со законите и стандардите на ЕУ. Во 2024 година, секој трет испитаник гледа на процесот токму низ оваа призма. Овој податок ни покажува дека граѓаните ја препознаваат важноста на институционалната и правната реформа како основна компонента на евроинтеграцијата. Истовремено, евроинтеграцијата е најважен надворешно-политички приоритет за 35% од граѓаните, а 26% ја истакнуваат регионалната соработка“, велат од ИДСЦС.
Дополнително, резултатите покажуваат дека Европската Унија останува најголемиот економски партнер (33%) и донатор (40%) на земјата, зацврстувајќи ја својата позиција како главен стратешки сојузник. Анализата покажа дека САД следи со 22% како економски партнер и 17% како донатор. Иако САД останува фактор со најголемо влијание (41%), тоа, како што додаваат од ИДСЦС бележи пад во однос на 2023 (60%), додека влијанието на ЕУ значително се зголемува (од 19% во 2023 на 37% во 2024). ЕУ за граѓаните е перципирана како најважен сојузник (39%), пред САД (19%), покажува анализата.
Последните истражувања на јавното мислење биле спроведени на национално репрезентативен примерок од 1.056 испитаници во периодот од октомври до декември 2024 година.
На презентацијата на истражувањата, се обрати претседателот на ИДСЦС Марко Трошановски кој рече дека оваа година бил констатиран застој во континуираниот пад на поддршката кон ЕУ.
„Не знаеме како понатаму ќе се развива овој тренд, но добро е што овој пад е запрен. Добро е што перцепцијата за ЕУ како најпосакуван сојузник на земјата опстојува како најдоминантна од сите други алтернативи. Ова запирање на трендот и покрај тоа скептичноста на граѓаните дека ЕУ ќе биде подготвена за прием на нови членови, секако се должи и на променетиот геополитички контекс во смисла на зголемената неизвесност, најавеното намалување на присуството и интересот на САД во регионот, што се отсликува и со зголемената перцепција за влијанието на САД. Во овој контекст на несигурност и неизвесност и покрај горкото искуство на земјата со пристапниот процес, Унијата останува како најсигурно прибежиште на надворешната геостратешка ориентација на земјата“, рече Трошановски.
Директорот на канцеларијата на фондацијата „Конрад Аденаур“ во Скопје Даниел Браун истакна дека е позитивно што мнозинството на граѓани сè уште го поддржуваат патот кон ЕУ и дека земјава мора да продолжи по реформскиот пат.
„Позитивно е што мнозинството на граѓани сè уште го поддржуваат патот кон ЕУ, но забележуваме дека бројот повеќе опаѓа отколку што расте и дека не сите групи на населението го гледаат тоа на ист начин. Причините несомнено лежат во разочарувањата од минатото и проблемите со соседните земји. Несомнено е дека Северна Македонија мора да продолжи по реформскиот пат. Сепак, исто така верувам дека, покрај договорите и обврските на државно ниво меѓу ЕУ и Северна Македонија, луѓето во земјата се надеваат на знак на доверба од ЕУ“, рече Браун.
Амбасадорот на Европската Унија Михалис Рокас потенцираше дека нема сомнеж оти ЕУ во изминатите години и децении биле стабилен, сигурен и доверлив партнер на земјава.
„Бевме активни во сите сфери, дававме препораки, добра волја и напорна работа за да ѝ помогнеме на земјата да го забрза својот пат кон ЕУ. Но, анкетите покажуваат дека вербата слабеe, а можеби и фактот што сме присутни насекаде и се обидуваме да помогнеме, не се препознава или, пак, се зема здраво за готово. Живееме во исклучителни времиња, како што и самите споменавте. Нема потреба да повторувам што беше кажано на Минхенската безбедносна конференција, но мислам дека имаме важна задача, бидејќи сега нема друг пат напред освен Европа. Потребно е да станеме политички, безбедносно и економски посилни, вклучувајќи го и талентот од Северна Македонија во ЕУ, и да ги почувствуваме придобивките на континент кој е обединет и гледа со надеж кон иднината. Да, постојат политички прашања за кои сите сме свесни дека го кочат процесот. Но, охрабрувачки е што сега отворено разговараме за нив“, рече Рокас.
Двете истражувања на јавното мислење на македонски јазик може да се прочитаат на овој и на овој линк.