Повеќе од 500 деца и млади од над 10 градови низ Македонија вчера се собраа во Свети Николе за да го прослават Светскиот ден на извидниците – денот кога низ целиот свет се одбележува извидничкото движење, неговите вредности и мисија.
„Под мотото ‘Биди подготвен!’, извидниците во Македонија повеќе од 7 децении се симбол на младинска активност, другарство, лидерство и позитивни промени во заедницата. Овој голем собир е доказ за силата на извидничкото движење и неговото влијание врз младите, кои тука учат за тимска работа, одговорност, почит кон природата и значењето на активното граѓанство“, велат од Сојузот на извидници.
Настанот свечено е отворен со интонирање на химните државната и извидничката Пламен се дига, давање на извидничкиот завет и доделување на марами на новите извидници – симбол на нивната посветеност кон извидничките вредности.
„Извидништвото не е само игра, тоа е начин на живот кој ги учи младите на солидарност, истрајност и грижа за заедницата. Овие млади луѓе денес покажуваат дека иднината е во сигурни раце“, истакна Даниел Ангеловски, претставник на управниот одбор на Сојузот на извидници на Македонија.
Од Сојузот потенцираат дека со повеќе од 500 млади собрани на едно место, овој настан е еден од најголемите младински собири оваа година во Македонија.
„Тој е доказ дека младите се движечка сила на општеството и дека преку иницијативи како извидништвото, тие градат подобра иднина за сите нас“, посочуваат од Сојузот.
Покрај свечениот дел, програмата беше збогатена со интерактивни активности и извиднички предизвици, кои ги поттикнаа младите да покажат лидерство, тимска работа и извиднички вештини. Учесниците имаа можност да се натпреваруваат во извиднички игри, ориентација, тимски предизвици и работилници, преку кои учат за природата, одржливоста и градењето на заедницата.
„Еден од највозбудливите моменти е извидничката еко-мисија, каде младите извидници ќе покажат како преку акција можат да направат позитивна промена во околината. Дополнително, целиот настан беше покриен и со културно-уметничка програма, во која беа претставени традиции, песни и пријателства кои ги поврзуваат младите од различни делови на земјата. Извидништвото – каде младите учат, растат и создаваат промени!“, се вели во соопштението на Сојузот на извидници.