МВР: Изминатиов викенд евидентирани 718 прекршоци за прекорачување на брзината на движење

„Во текот на последниот викенд од овој месец, според бројките од полициските сообраќајни контроли на ниво на целата држава, се чини дека како по некое непишано правило за учесниците во сообраќајот значи своевидно опуштање во поглед на почитувањето на сообраќајните правила и прописи“, велат од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Па така, во рамки на извршените сообраќајни прегледи на 21, 22 и 23 февруари, од 2.228 издадени платни налози дури 718 прекршоци се однесуваат на пречекорување на дозволената брзина на движење, 106 – за возење во алкохолизирана состојба, како и 215 прекршоци што се однесуваат на управување без возачка дозвола, посочија од МВР.

„Исто така, заради непочитување на одредбите околу задолжителното користење на сигурносен појас евидентирани се 171 прекршок, плус 12 прекршоци за граѓани кои што управувале моторцикли без заштитен шлем, а за користење на мобилен тлефон при возење изречени биле 45 прекршочни казни. Воедно, (компаративно гледано во споредба со минатиот викенд) има благ пад по однос на прекршоците поврзани со неправилно паркирање – 451, додека пак регистрирани се 15 случаи на минување на црвено и 28 прекршоци од страна на пешаци, а согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата“, посочија од ресорното министерство.

Претходно од МВР соопштија дека од почетокот на февруари па до 20 февруари биле издадени 18.132 платни налози за прекршоци во сообраќајот. Најмногу од нив биле за пречекорување на брзината на движење – 6.056, потоа непрописно паркирање – 4.213 и непоседување на возачка дозвола – 1.510.