Најавена реконструкција на Воената болница „8 Септември“ и аеродромот во Охрид

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска на прес-конференција го означи почетокот на реконструкцијата на Воената болница „8 Септември“ во вредност од 12 милиони евра и изградба на нова административна зграда со проширување на просторот за патници во вредност од 2.7 милиони евра на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“.

Проектот за реконструкција и адаптација на болницата опфаќа реконструкција на хируршкиот дел, седум операциони сали, просторот за интензивна, реконструкција на лаборатории, централно мониторирање, лифтови, кровот и системот за греење и ладење, а ова како што истакна Николоски ќе помогне во подигнување на квалитетот на услови за пациентите.

„Проектот предвидува реконструкција на хируршкиот дел во вкупна површина од 2.000 м2, седум операциони сали од кои што две ќе бидат за абдоменална хирургија, две ќе бидат за уролошки интервенции, една за уво, нос и грло и една за очна хирургија и она што за прв пат се воведува е роботска хирургија, нешто што сме го гледале во странство досега. Понатаму, интензивна нега на површина од 500 м2, предвидени се 7 целосно опремени боксови за пациенти со најсовремени кревети линиски поставени со централно мониторирање од страна на медицинскиот персонал, придружни простории од 800 м2, стерилизација и биохемиска лабораторија на површина од 100 м2, микробиолошка лабораторија од 80м2, лабораторија за патологија што многу ќе им помогне на онколошките пациенти и трансфузиолошка медицина. Тука спаѓа и санација на кровот како и поставување на ефикасен систем на греење и ладење, реконструкција на лифтовите, што се заедно треба да не донесе во ситуација некаде крајот на октомври да имаме целосна реконструирана болница ‘8 Септември’ што ќе е од голем бенефит за граѓаните“, истакна Николоски.

Во однос на проектот за аеродромот во Охрид, тој најави нова терминална зграда.

„Проектот опфаќа изградба на нова административна зграда со површина од 250 м2, нов канцелариски простор од 120 м2, помошни простории од 130 м2, нов простор за обезбедување од 40 м2, целосна реконструкција и адаптација на постојната терминална зграда на површина од 2000 м2 на двете нивоа. И сето ова ќе значи прво реконструирање на аеродромот од неговата изградба. Ова ќе значи подобри услови за патниците и секако многу повеќе патници и до март 2026 година очекувам да се заврши овој проект”, истакна вицепремиерот и министер за транспорт.

Реализацијата на двата проекти, како што истакна Николоски се дел од договорот со ТАВ.