За килограм сезонска свежа зелка или за килограм сезонско овошје, портокал, од 60 до 90 денари. Ова беа дел од цените на денот кога стапи на сила владината одлука за замрзнати маржи, пишува Порталб.мк. Што се случува со цените на земјоделските производи? Во јануари годинава индексот на трошоците за земјоделско производство се зголемил за 5,9 % додека индексот на крајниот производ предаден за откуп или доработка пораснал за повеќе од 20%.
Што покажува статистиката – какви се трошоците за земјоделското производство а какви се цените на крајниот производ?
Новите податоци од Заводот за статистика за јануари во однос на истиот месец лани покажуваат дека индексот на цената на земјоделскиот производ кој се продава на откупувачите или дистрибутерите е далеку повисок од индексот на трошоците за земјоделско производство и инвестиции.
Конкретно, податоците покажуваат дека индексот на цените во земјоделството во јануари годинава во споредба со истиот месец во 2024 та на страната на инпутот ( трошоци и инвестиции за производство) се зголемил за 5,9% додека на страната на аутпутот ( како откупен готов производ или за натамошна обработка) пораснал за дури 20,8%. Трошоците за семиња и за минерални ѓубрива се намалиле додека најголем пораст од 39,3% имало кај трошоците за одржување на опрема и објекти а за 23,1% е зголемен индексот на цени за ветеринарни услуги.
Од друга страна индексот на излезните цени на овошјето и зеленчукот во јануари годинава во споредба со истиот месец лани покажува алармантна состојба. На страната на аутпутот , индексот на цени на зеленчукот се зголемил за дури 44,2% а кај растителното производство за 23,5%.
Индекс на цени во земјоделство ( јан25/јан/25)
Инпут ( трошоци ) Аутпут (откуп)
Семиња -7,7% Растително произв. +23,5%
Енергија, горива +3,1% Зеленчук +44,2%
Одржување опрема +39,3% Вина +15,2%
Ветеринарни услуги +23,1% Овошје и грозје +7,4%
Извор ДЗР
Од националната федерација на фармери алармираат дека за високите цени на овошјето и зеленчукот не се виновни земјоделците туку високите маржи што ги диктираат дистрибутерите и трговците.
“Имаме еден ланец – земјоделци производителите коишто ги носат своите производи во откупни центри, оттаму се продаваат на дистрибутерите, кои пак, ги даваат на трговците. Не можат нас да не обвинат за високите цени затоа што откупувачите се тие кои ги кажуваат цените. Вие како потрошувачи купувате сурови на производи, на пример како домати, по 120 денари, додека на земјоделците им се откупуваат по 30 денари. Сето тоа е заради високите маржи коишто токму овие дистрибутери и трговци ги ставаат и за жал, кремот или заработката од нив ја земаат токму тие, а не оние вистинските производители“ – изјави неодамна Васка Мојсовска, Претседателка на Националната федерација на фармери.
Сумираните податоци покажуваат дека во последниот квартал од 2024 вредноста на откупените и продадените земјоделски производи изнесувала 177 150 000 евра што е за 121,6% повеќе во однос на истиот период од 2023 та година.
Маржите „замрзнати“ – какви се цените
На денот кога стапи на сила владината одлука за замрзнати цени, во маркетите се забележаа надолни корекции на дел од прехранбените производи но и кај производите за хигиена. Сепак, цените на овошјето и на зеленчукот, како земјоделски производи, и натаму се високи.
Конкретно, на истиот ден кога стапија на сила фиксираните маржи, килограм мандарини чинеше 120 денари, портокалите се продаваа за 90 денари а килограм круши за 140 денари. Од сезонскиот зеленчук на пример, килограм зелка се продаваше од 60 до 90 денари. Килограм краставици достигна фантастични 175 денари а доматот 140 денари.
Владата донесе одлука да се ограничи маржата на 1000 прехранбени и непрехранбени производи а конкретно за зеленчукот и овошјето маржата се ограничи на 15%. По оваа одлука од Владата се очекува надолна корекција на цените најмалку за 10%. Од друга страна, во февруари вредноста на синдикалната потрошувачка кошница достигна 67 773 денари и во однос на лани истиот период е зголемена за 6 300 денари.