Википедија на македонски јазик надмина 150 илјади статии

Википедија на македонски јазик вчера надмина 150.000 статии. Изданието на глобалната интернет енциклопедија на македонски јазик започна во септември 2003 година и брои над 121 илјада регистрирани корисници.

„Википедија на македонски јазик во изминатите две децении постојано расте, станувајќи еден од главните извори на информации на македонски јазик. Од своите почетоци во септември 2003 година, со само неколку статии, денес оваа платформа нуди обемна база на податоци која опфаќа најразлични теми – од историја, географија, наука, уметност, култура, па сè до современи настани и технолошки достигнувања. Прагот од 150.000 статии на македонски јазик е достигнат и заедницата се стреми кон поголеми успеси“, велат од здружението на граѓани „Викимедија Македонија“.

Во ера на дигитализација, пристапот до релевантни и точни информации на македонски јазик е клучен, посочуваат од здружението и додаваат дека Википедија овозможува слободен пристап до знаење за секого, без оглед на возраста, локацијата или образованието.

„Со тоа, таа игра важна улога во образованието, научните истражувања, новинарството и секојдневното информирање на македонските граѓани. Исто така, Википедија на македонски јазик придонесува за зачувување и промовирање на македонскиот јазик во дигиталниот простор. Преку статии за историјата, јазикот, културата и обичаите на Македонија, оваа енциклопедија служи како дигитална архива на националното наследство“, додаваат од „Викимедија Македонија“.

Со ваквото достигнување од 150.000 статии, оттаму велат дека Википедија на македонски јазик не застанува тука, додавајќи дека предизвикот е да се подобри квалитетот на постоечките статии, да се збогати содржината со релевантни извори, фотографии и мултимедијални материјали, како и да се привлечат нови уредници кои ќе помогнат во нејзиниот понатамошен развој.

„Секој поединец може да стане дел од овој проект – Википедија е отворена за сите кои сакаат да придонесат кон глобалната заедница на знаење. Со поголема ангажираност од образовните институции, медиумите и истражувачките центри, македонската Википедија може да продолжи да расте и да стане уште поквалитетен извор на информации“, децидни се од „Викимедија Македонија“.

Дополнително, тие сметаат дека ваквото достигнување е голем успех и за македонското дигитално општество во целина. Платформата претставува доказ дека македонскиот јазик има свое значајно место во светската мрежа на информации, додаваат оттаму.

Инаку, Википедија овозможува бесплатен пристап до енциклопедиски содржини на 340 јазици. Првата јазична верзија е Википедија на англиски јазик и основана е на 15 јануари 2001 година. Основачи на најпозната енциклопедија и креатори на идејата се Џими Велс и Лери Сангер, кои со здружени сили ја започнале работата, првично само на англиски јазик.