„За Феликс. За животните. За правна држава. За правда“ – утре протест пред Кривичен суд

Пред Кривичниот суд во Скопје утре (среда, 26 февруари) од 09:30 часот е закажан протест под името „За Феликс. За животните. За правна држава. За правда“, инициран од „Анима Мунди“.

„На 26.02.2025 година е закажано првото рочиште по кривичната пријава која ја поднесовме против лицето кое ѕверски, со умисла, употреба на најголема сила и 10 удари со метална шипка по глава во заграден простор и без можност да се избави и спаси, удираше несреќно бездомно куче. До безсозание, со намера да оди до смрт за да потоа со помош на друго лице врзе и фрли како да е предмет и најобично ѓубре. Во друштво на четири полнолетни лица, мажи, мирно бездомно куче е удирано, најкрвнички и со сета сила, без било кој да интервенира додека кучето урлика од болка и не можејќи да избега или се спаси; но затоа асистенти кога требаше околу врат да се врзе со метална жица, влече и фрли како ѓубре. Соучесници. И ова немаше да го видиме, ова немаше да го дознаеме да не беше снимено“, велат од здружението.

Од таму посочуваат дека „Љубе со другарите“ се ликот на секој еден кој во оваа држава се изживува, коле, беси, труе животно.

„А Феликс е секое друго животно, секое друго несреќно битие оставено само на себе да страда и умира во пеколни маки, душа која не успеавме да го спасиме. Молкот ги охрабрува и помага сторителите, никогаш оној кој е жртва. Ако ова само немо го набљудуваме, учествуваме во колективната деградација и дегенерација на се што е нормално, хумано, човечно во нашата држава“, стои во повикот за протестот.

Од „Анима Мунди“ велат дека одбиваат да тонат во насилство и неказнивост, без изгледи за напредок, сигурност, владеење на правото, правда. Оттука, повикуваат на собир на 26 февруари пред Основен Суд, Скопје.

„Во име на Феликс и во име на сите останати како него, бараме најстроги казни за мачење и убиство на животните. Без олеснителни околности и мерки, за затворски казни за мачење и убивање на животно“, се вели во повикот за протестот.