Маркетите ќе мора да ги објавуваат цените на производите на нивните веб-страници – Собранието ги донесе измените на Законот за потрошувачите

Малите, средните и големите трговци кои вршат дејност трговија на мало, согласно со Националната класификација на дејностите, се должни на своите веб страници да ја објават, одделно за секој свој продажен објект, тековната продажна, односно единичната цена во моментот на објавување на секоја стока што ја нудат за продажба.

Ова го предвидуваат измените на Законот за заштита на потрошувачите кои денеска беа донесени во Собранието.

Ажурирањето на цените е предвидено да се врши на дневна основа. Со законските измени се дава и овластување на инспекторите да извршат проверки доколку видат неусогласеност на цените.

Со сега веќе усвоените измени на законот, се наведува дека ќе се заштитат интересите на потрошувачите и ќе се обезбеди основа за потрошувачите да направат избор врз основа на информираност и споредливост на цените на производите кои сакаат да ги купат. Дополнително, во измените се посочува дека со нив ќе се осигура транспарентноста во однос на потрошувачите и ќе се спречи нефер конкуренцијата и злоупотребата на пазарот.