Се приклучуваме кон протестот за кучето Феликс, кое беше крвнички претепано и убиено во Момин Поток. Протестот ќе се одржи утре, 26 февруари (среда), пред Кривичниот суд во 10 часот, кога ќе се одлучува за неговата казна, велат од граѓанската иницијатива Зелен Хуман Град, откако претходно „Анима Мунди“ повика на протест.
Според ЗХГ, неказнивоста на ваквите дела, кои се бројни и секојдневни, раѓа ново насилство.
„Да се погрижиме овој случај да биде пример за секој што ќе помисли да убие бездомно куче на улица! Насилството врз животните речиси секогаш преминува во насилство врз луѓето – ова не е случајно предвидено како кривично дело во Кривичниот законик. Досега, во судската пракса, ниту еден сторител на ова кривично дело не добил затворска казна, туку условна или парична казна, не повисока од 300 евра. Ваквата судска пракса не го спречува насилството врз послабите – напротив, го охрабрува“, велат од ЗХГ.
Активистите бараат да се промени досегашната судска пракса и да наместо изрекување на парична казна во максимален износ од 300 евра или условна казна, да се изрече ефективна казна затвор за сторителите.
„Покрај правда за Феликс, бараме итно да се усвојат законите и мерките што еднаш засекогаш ќе го решат проблемот со бездомните кучиња на нашите улици. Затоа бараме и: законска забрана за размножување на кучињата, освен во случај на регистрирана одгледувачница, регулирање и воведување данок за таа дејност! Законска забрана за напуштање миленици! Закон за задолжително регистрирање (со микрочип) на СИТЕ миленици уште од раѓање. Потребно е создавање функционална јавна база на податоци за сите домашни миленици, како и за ловните кучиња, бидејќи тие често се напуштаат или подаруваат ако не ги исполнуваат стандардите. Прецизна законска регулација на трговијата со домашни миленици во пет-шоповите и одгледувачниците (кучиња/мачки). Сериозна, а не декларативна посветеност од надлежните!“, посочуваат од Зелен Хуман Град.
Понатаму, бараат веднаш да се донесе национален акт за унифицирање на програмата во сите прифатилишта во Македонија, според принципот „залови – стерилизирај – вакцинирај – врати“, но на плански, брз и масовен начин, во обем што одговара на реалните потреби на општините.
„Во првата година мора да се заловат најмалку 75% од бездомните кучиња, со што во наредните години стапката на заловување би била значително пониска, а решението – трајно и одржливо. Ова мора да се спроведе доследно, без импровизации и без прекини“, стои во барањата на ЗХГ.
Од таму ги повикуваат граѓаните да излезат на протест и сите заедно да дадат сè од себе за еднаш засекогаш да се реши проблемот со бездомните кучиња, да се спречи нивното неконтролирано размножување, непотребното насилство и нивно убивање.
„Од овој проблем не страдаат само кучињата, страдаме и ние! Кога агресивно бездомно куче ќе нападне некого, кога нашите деца се изложени на ризик, кога луѓето не преземаат одговорност за своите миленици. Се гледаме утре пред Кривичен суд!“, стои во повикот на Зелен Хуман Град.
„За Феликс. За животните. За правна држава. За правда“ – утре протест пред Кривичен суд